Кошарка Спорт

Атина центар на европската кошарка: Почнува Фајнл-форот во Евролигата

Фајнл-фор турнирот во кошаркарската Евролига стартува денеска во Атина, каде четири европски гиганти ќе ја почнат битката за најпрестижниот клупски трофеј на континентот.

„Телеком центарот“ во Атина ќе биде домаќин на завршниот турнир, а првото полуфинале носи вистинска кошаркарска класика меѓу Олимпијакос и Фенербахче. Грчкиот тим влегува како најдобар од регуларниот дел од сезоната и ќе има огромна поддршка од трибините, додека турскиот гигант ја брани европската титула и третпат по ред е дел од завршниот турнир.

Најсилното оружје на Олимпијакос секако ќе биде МВП-то за оваа сезона, Саша Везенков, но и искуството на играчи како Костас Папаниколау и Никола Милутинов. Фенербахче, пак, под водство на Шарунас Јасикевичиус повторно покажа дека е тим создаден за големи натпревари. Ова ќе биде и директен дуел меѓу најдобриот напад сезонава, Олимпијакос, и тимот со најдобрата одбрана, Фенербахче.

Второто полуфинале е целосно шпанска пресметка меѓу Валенсија и Реал Мадрид. Валенсија е најпријатното изненадување сезонава, бидејќи првпат во клупската историја ќе игра на Фајнл-фор во Евролигата. Тимот на Педро Мартинез во четвртфиналето го елиминираше Панатинаикос во драматична серија од пет натпревари и сега ќе се обиде да приреди уште една сензација.

Од другата страна е Реал Мадрид, најтрофејниот клуб во европската кошарка и тим што на вакви натпревари секогаш знае да блесне. „Кралевите“ ќе бркаат ново финале, предводени од искусни играчи како Факундо Кампацо, Марио Хезоња, Серхио Љуљ и Еди Таварес.

Финалето се игра в недела, а ова ќе биде прв Фајнл-фор во новиот формат без натпревар за третото место.

Евролигата оваа сезона ги зголеми и премиите, па шампионот ќе заработи 2,4 милиони евра, финалистот 2,1 милион, а елиминираните полуфиналисти 1,8 и 1,5 милиони евра, според конечниот пласман.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Фото) Шампионите ги пречекаа во Мадрид

Kristina Kuzmanovski

ФИФА со дисциплинска постапка против Аргентина за инцидентите во финалето

Kristina Kuzmanovski

Навивачите со камења и пиротехника, полицијата со солзавец, шок-бомби и водени топови – нереди во Буенос Аирес по поразот на Аргентина во финалето на СП

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе