Битолчани синоќа забележале мечка како се движи низ градот, а снимките брзо се проширија на социјалните мрежи. Животното било снимено на улицата „Македонска Фаланга“, во близина на градското шеталиште, под Тумбе Кафе, кај стадионот во Битола. Граѓаните реагираат загрижено и бараат надлежните институции навремено да преземат мерки за да не дојде до несакана ситуација.
Од СВР Битола потврдија дека случајот е пријавен во полиција. Ловните здруженија со кои контактираше Телма велат дека мечката е под трајна заштита и дека тие немаат законска можност да преземат активности против животното. Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е заштитен вид и нејзиното ловење е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон трајно ја забранува можноста за лов на мечки, без исклучоци.
Според Кривичниот законик, ловењето дивеч под заштита, како што е мечката, се казнува со затворска казна од една до пет години. Од ловните здруженија посочуваат дека деновиве има бројни поплаки и од повеќе битолски села, каде жителите стравуваат за својата безбедност и велат дека се соочуваат со потешкотии при движењето и извршувањето на земјоделските работи поради појавата на мечки.
Е.M.
