Даниела Димовска е избрана за претседателка на Основниот кривичен суд Скопје. Судскиот совет ја избра едногласно, со гласовите на сите 11 присутни членови. По гласањето, членовите на Судскиот совет поединечно ги образложуваат причините поради кои ѝ ја дале поддршката.
Нејзин противкандидат беше судијата Ивица Стефановски, кој е познат по тоа што ги водеше предметите против Стојанче Јовановски и Љупчо Палевски – Палчо.
Димовска досега ја извршуваше функцијата вршител на должност претседател на Основниот кривичен суд Скопје. Нејзиното тогашно назначување предизвика расправа во Судскиот совет, бидејќи дел од членовите сметаа дека не е испочитувана законската одредба според која вршител на должност треба да биде судијата со највисока последна оценка. Од Коалицијата „Сите за правично судење“ тогаш реагираа дека при изборот не биле доследно применети Законот за судовите и препораките на Оценската мисија на Европската Унија.
Димовска е судијка во Основниот кривичен суд од 2016 година и има завршено Академија за судии и јавни обвинители.
Кандидатите за претседател на Кривичен суд, Стефановски и Димовска на интервју во Судскиот совет
