Вести Свет

„Партијата на лебарките“ стана интернет феномен во Индија: Сатирата како глас на разочараната младина

Она што започнало како сатиричен интернет-проект, за само неколку дена прерасна во масовно онлајн движење кое ја потресе индиската политичка сцена. „Cockroach Janta Party“ („Народна партија на лебарките“) – пародија на политичка партија со лебарката како свој симбол – собра милиони следбеници на социјалните мрежи, претворајќи го апсурдниот хумор во форма на политички протест.

Со мемиња, кратки видеа и сатирични пораки насочени кон корупцијата, невработеноста и политичката дисфункционалност, движењето експлозивно се прошири меѓу младите Индијци. Само неколку дена по отворањето на профилите, страницата на Инстаграм надмина 15 милиони следбеници – повеќе од официјалниот профил на владејачката Бхаратија Џаната Партија на премиерот Нарендра Моди.

Основачот на движењето, Абхиџит Дипке, студент на Универзитетот во Бостон и политички комуникациски стратег, вели дека успехот не бил однапред планиран, туку претставува излив на наталожено незадоволство кај младите.

„Ништо од ова не беше намерно. Младите луѓе беа фрустрирани веќе со години. Немаа простор каде да го изразат својот гнев и беа разочарани од начинот на кој владата ги игнорира нивните проблеми, особено невработеноста“, изјави Абхијет Дипке, основач на партијата.

Движењето се појави по контроверзните изјави на индискиот врховен судија Сурја Кант, кој за време на судско рочиште ги спореди дел од невработените млади и активисти со „лебарки“, обвинувајќи ги дека ги напаѓаат институциите.

Изјавата предизвика бурни реакции на интернет, а токму тогаш Дипке на платформата Икс напишал: „Што ако сите лебарки се обединат?“

„Бев навистина разочаран. Човек кој е должен да ја штити слободата на изразување, јавно ги осудува луѓето затоа што го кажуваат своето мислење. Потоа напишав: ‘Што ако сите лебарки се обединат?’ и добив огромен одзив од младите“, рече тој.

Сајтот на „Партијата на лебарките“ нуди и саркастични критериуми за членство – невработеност, зависност од интернет и „професионално жалење“. Во својата сатирична програма движењето ги допира и чувствителните теми во индиската политика, како наводните изборни манипулации, влијанието на корпоративните медиуми и блискоста меѓу власта и дел од институциите.

Дипке смета дека Индија се наоѓа во период на промена, кога младите веќе не се плашат јавно да ја критикуваат власта.

„Пред пет години никој не беше подготвен јавно да зборува против Моди или против владата. Времињата се менуваат. Луѓето порано се плашеа, но сега веќе не сакаат да молчат“, изјави тој.

Според него, движењето нема да остане само интернет-феномен.

„Ова е движење што пристигна во Индија и ќе го промени политичкиот дискурс. Ќе продолжи онлајн, а ако биде потребно, ќе излезе и на улица“, порача Дипке.

Во меѓувреме, индиските власти го ограничиле пристапот до официјалниот профил на движењето на платформата „Икс“, но активистите веднаш отвориле нов профил под слоганот: „Лебарката се врати“.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почна амандманската расправа за ребалансот на Буџетот – поднесени се вкупно 224 амандмани

Дејан Дејан

ЦУК се модернизира – преку „Silent Call“ жртвите на семејно насилство и лицата во опасност ќе може да побараат помош

Дејан Дејан

Марта Кос: Ниту една земја кандидат за членство во ЕУ досега нема добиено, ниту пак може да добие гаранции за евентуален нов билатерален спор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе