Во приговорот кој ЕСМ го достави до Вишото јавно обвинителство за запрената истрага за мазутот, се наведени и тврдења дека државната енергетска компанија смета како Обвинителството направило суштинска грешка и погрешно ги утврдило фактите бидејќи техничките искази на повиканите лица свесно ги претсавило како релевантни изјави за отсуство на финансиска штета. Во одговор до Телма, за приговорот ЕСМ вели дека неправилноста е што истрагата била запрена врз коментари на лица кои немаат правни и менаџерски ингеренции за утврдување штета.
„Компанијата постапи по инструкции од обвинителката, за тоа какви профили на лица треба да се испратат на сослушување. Обвинителството бараше исклучиво стручни лица кои можат да ја образложат самата постапка за јавна набавка и планот за производство на електрична енергија во ТЕЦ Неготино. Дури и раководителот на правната служба во ТЕЦ Неготино имаше овластување да даде изјава, но тоа не му беше овозможено“, вели ЕСМ.
Во приговорот ЕСМ ги прецизирало како што наведуваат во одговорот „фактите околу вистинските размери на штетата и неправилностите во набавката на мазут“ кои биле утврдени преку официјалната документаци и наодите на надлежните органи во компанијата, а не врз претпоставки изведени од контекст на технички сослушувања. Поради тоа, ЕСМ бара и контрола врз работата на истрагата на надлежната обвинителка, Катерина Коларевиќ која го затвори случајот.
„Барањето за надзор и Контрола, има за цел да ги утврди сите недоследности за водењето на постапката од страна на ОЈО ГОКК, со оглед на тоа дека станува збор за процес со огромни импликации“, велат од ЕСМ.
Во истрагата, вработен службеник во ЕСМ, пак, изјавил дека немало никаква финансиска штета од набавките вредни над 167 милиони евра. Со тврдење дека не се обезбедени докази за злоупотреби при набавка и испорака на мазут на ТЕЦ Неготино, обвинителството ја запре истрагата за Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, Асмир Јахоски – сопственик на „Пуцко петрол“ и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулкоски и уште осум други осомничени.
Миомир Серафиновиќ
