Пациентите со скршеници од Штип, Кочани, Струмица, Пробиштип, Свети Николе, Виница, Берово, Делчево и Пехчево од денеска нема да се хоспитализараат во штипската Клиничка болница. Силниот ветар, кој синоќа се движеше со брзина од 134 км./ч. ја оштети кровната конструкција, а лимот падна околу болницата. Оштетен е кровот во делот на Одделението за ортопедија и операционата сала.
„Ве замолуваме во текот на следните денови до санирање на нанесената штета, пациентите со скршеници да не ги испраќате во Клиничка болница Штип, бидејќи нема да можат да бидат адекватно третирани. Во следните денови ве замолуваме пациентите да ги препраќате во другите центри, со цел да го добијат соодветниот натамошен третман“, се вели во соопштението на Клиничка болница Штип.
Раководството на болницата тврди дека врнежите од дожд во текот на ноќта не направиле дополнителни штети, а 20-тината пациенти од Ортопедија се преместени по другите одделенија. Утринава проценители биле да ја проценат штетат, но и за колку време истата ќе може да се санира.
Во Штип од силниот оркански ветар оштетени се и кровните конструкции на училиштето „Ванчо Прке“ и на детската градинка „Вера Циривири-Трена“. Од силниот ветар синоќа во градовите и селата на Истокот летаа лимови, огради, паѓаа дрвја врз возила, објекти и домови. Штети на домовите и возилата пријавуваат граѓаните во општините, а јавните претпријатија ги исчистија сообраќајниците од паднати дрвја, кал и други предмети.
Големите штети од силниот ветар има и во Кочани, во Чешиново-Облешево, во Свети Николе и во Пробиштип. Дел од градовите синоќа немаа струја или вода за пиење. Но, во текот на денот е нормализирана дистрибуцијата до домовите на граѓаните и институциите. Општините ќе бараат помош од Владата и ЗЕЛС за санирање на големите штети на институциите.
Викторија Јованова
