Три клучни работи се важни за Македонија, обврските преземени во 2022, односно уставните измени, усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија и владеењето на правото. Ова пред Националниот совет за евроинтеграции го посочи евроамбасадорот, Михалис Рокас, на кој денеска се дебатираше за клучни аспекти на процесот на европска интеграција. Рокас дел од своето обраќање посвети на владеењето на правото за кое рече дека е главната област врз која се оценува напредокот на земјата кон Унијата, со укажување дека некои закони ќе мора да се донесат со консензус.
„Многу е важно политичките партии да покажат конструктивен пристап во добра демократска атмосфера, со взаемно почитување, напорна работа и разбирање, со цел да се постигне овој консензус за клучните закони за продолжување на интеграцијата. Ова го велам бидејќи знам, тука сум веќе две години, и гледам дека има многу простор за расправа, дебата и конфронтација околу многу апскети од секојдневието на граѓаните, но за овие клучни закони е важно, со наша помош, да се постигне консензус“, рече Рокас.
Притоа тој како клучни теми за кои е потребно консензус меѓу сите политички чинители ги посочи Изборбиот законик, Кривичниот законик, канцеларијата на Народниот правобранител, стратегијата за борба против корупцијата, изборот на членовите на Судскиот совет, Уставниот суд. Рокас во делот на владеењето на правото го посочи и судството, за кое рече дека му е потребно екипирање и да нема политички притисоци врз него.
Власта и опозицијата, иако во дебата беа согласни дека ЕУ е стратешка цел за Македонија, се конфронтираа кој, колку и што направил или не направил таа цел да биде постигната.
Претседавачот со Советот, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини власта дека од една страна декларативно е за ЕУ, но од друга страна не го направи чекорот напред да се реализира тоа, алудирајќи на уставните измени.
„Се поставува прашањето дали намерното запирање на европскиот пат не е форма на државен удар. Кога се знае што треба да се направи, кога ниту едно поглавје не е отворено, а четири земји кандидати за Европската Унија одржаа меѓувладини конференции во еден ден“, рече Филипче.
Тој притоа го повтори ставот на опозицијата дека е лажно тврдењето на власта дека македонскиот идентитет и јазик се загрозени и дека тие се потврдени со Преспанскиот договор.
Претставниците на власта, пак, во Советот настапија со контрааргумент дека не е точно дека идентитетот е заштитен, а претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонио Милошоски ја обвини сегашната опозиција за состојбата во која се наоѓа земјата на евроинтегративниот пат со прифаќање на парадокс за носење на уставни измени.
„Таков парадокс направи претходната влада и таква нелагодност во процесот на евроинтеграции за сега да го имаме ова ниво на евроинтеграции, влезени во една незгодна ситуација, каде што на источниот сосед мора да им се испорача тоа што група на луѓе, заради задржување на власта, го презеле како обврска“, рече Милошоски.
Министерот за европски прашања Беким Сали, пак, своето внимание го посвети на реформската агенда и упати апел до сите пратеници за конструктивен пристап кон нив, порачувајќи им дека политичките разлики се легитимни, но оти не смеат да ги блокираат реформите и да доведат до губење на европски средства.
Тамара Грнчароска
