Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и официјално покрена дисциплинска постапка против фудбалскиот клуб Вардар поради недоличното однесување при прославата на шампионската титула, освоена во петокот. Одлука околу евентуалната казна веројатно ќе има следната недела, откако ќе биде комплетирана сезоната.
„Се поведува дисциплинска постапка против ФК Вардар поради недолично, потценувачко, дискриминирачко и деградирачко прославување од страна на фудбалерите на клубот“, се вели во соопштението на Дисциплинската комисија при ФФМ.
Најтрофејниот македонски клуб ја осигура својата 12-та шампионска титула со победа на гостувањето кај Струга со 1:0 во претпоследното коло од сезоната. Наместо прославата да мине во спортски дух, „црвено-црните“ се најдоа во центарот на вниманието по снимките од угостителски објект, на кои фудбалерите, стручниот штаб и раководните лица пеат песни со навредлива содржина.
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ во емисијата „Директно“ на ТВ Телма вели дека ваквото однесување во фудбалот и во спортот постои со децении, но оти сега полесно доспева во јавноста преку социјалните мрежи. ФФМ со години води борба против тоа, вели тој.
„ФФМ во рамки на своите надлежности е одговорна за случувањата на теренот, на трибините и на самиот стадион. Ова е случка којашто се случува на приватна забава, бидејќи тоа е некаде во ресторан, меѓутоа поради начинот на којшто е прикажана, објавена и бидејќи има содржини коишто не се прифатливи за спортисти, ФФМ денеска поведе постапка преку дисциплинскиот комесар. Какви ќе бидат санкциите и што ќе биде преземено, тоа секако ќе биде согласно дисциплинскиот правилник, бидејќи не можеме да излегуваме надвор од правилникот“, изјави Масар Омерагиќ, претседател на ФФМ.
Прашање: Што предвидува правилникот во вакви ситуации?
„Парична казна предвидува за вакви ситуации“, вели Омерагиќ.
Осуди за инцидентот пристигна од повеќе страни, пред сè од Министерството за спорт и од Фудбалската федерација на Македонија, но и од пејачи, медиуми, политички партии. Министерот за спорт Борко Ристовски вели дека ова не е првпат и оти целото општество треба да работи и да ги осудува ваквите немили настани.
„Ова не е случај којшто се случи сега одеднаш и ова се работи коишто се провлекуваат со години наназад, и ако не ставиме точка на сето тоа и да се подвлече една линија и дека сите ние мора да работиме за подобрување на состојбите. Дека преку ноќ ќе ги снема, нема да ги снема преку ноќ, тоа е јасно и евидентно, меѓутоа дека треба да почнеме, а што побрзо почнеме тоа е подобро и за македонското општество и за македонскиот спорт“, рече Борко Ристовски, министер за спорт, во „Директно“ на ТВ Телма.
В сабота, на 23 мај, Вардар ја пречекува Шкендија во последното коло по што ќе следува официјална прослава на титулата во Градскиот парк во Скопје.
Иако беше најавена заедничка прослава, ракометниот клуб Вардар ги откачија нивните фудбалски колеги. Велат уште од претходно планирале нивна посебна прослава на титулата.
Нивната прослава на титулата ќе се одржи в сабота во 20:30 часот, но локацијата не е наведена. Соопштија дека тие уште пред извесен период веќе го дефинирале датумот и ги испратиле покани за прославата на која ќе присуствуваат сите играчи, членови на стручниот штаб, раководството на клубот, спонзори и ВИП личности и затоа не би можеле да присуствуваат на заедничката прослава со фудбалскиот клуб Вардар која е во исто време.
Навивачката група Комити, пак, соопшти дека титулата ќе ја прослават со голем комитски караван низ улиците на Скопје в петок. Дефилето ќе почне на последна 5-ка во Ново Лисиче, а комитите ги повикаа граѓаните да дојдат со коли, мотори и велосипеди, заеднички да ја прослават титулата.
Срѓан Стојанчов
