Речиси седум месеци луѓето од избирачките одбори ги чекаат надоместоците за локалните избори поради блокирани 11 општински сметки, а сега пари ќе добијат на тој начин што од државниот буџет се издвојуваат дополнителни средства од еден милион и осумстотини илјади евра. Со оглед дека за локалните избори беа определени и веќе потрошени 9,76 милиони евра сега сумата достигна речиси 12 милиони евра.
„Во делот на исплатата на членовите на комисиите кои беа дел од одборите во избирачки места, Владата пред две недели донесе одлука со која се додлеуваат дополнителни средства до ДИК за исплата на овие членови на комисии“, вели вицепремиерот Беким Сали.
Државната изборна комисија (ДИК) по седницата на 12 мај, потврди дека нивната одлука за доделување на финансиски средства на 11 општински изборни комисии е донесена врз основа на заклучокот на Владата од 29 април, со што се овозможува исплата на заостанатите надоместоци за изборните органи во општините со блокирани жиро-сметки.
Од ДИК велат дека за им го реши државата проблемот на општините со блокирани сметки барале помош од други инстируции. Отворени се наменски сметки за да и овие пари на општините не им бидат земени од извршители.
Вкупниот износ од 107.201.924,00 денари, наменет за општините Арачиново, Делчево, Струга, Пехчево, Тетово, Кривогаштани, Василево, Желино, Гостивар, Врапчиште и Зрновци, е обезбеден од буџетски средства на државата, по претходно поднесени барања и ургенции до Министерство за финансии од страна на ДИК за доследно почитување на член 88 став 5 од Изборниот законик. Средствата се префрлени на посебни наменски сметки на општините за изборни активности, за да се гарантира нивна реализација за исплата на надоместоците на избирачките одбори и општинските изборни комисии, и покрај општинските блокирани жиро сметки-соопштија од Државни изборна комисија.
Општина Тетово која е една од локалните власти што не исплати надоместоци не одговори каде отишле веќе предвидените средства за исплата на надоместоци.
И од новиот износ кој ќе го добијат на наменска сметка, оваа недела немаше исплата за ангажираните лица.
Секретарот на ОИК за Телма, испрати кратка порака со тврдење дека дека го направиле последниот административен чекор за да стигнат парите до сметките на граѓаните, односно доставени се налози до Трезорскиот систем на Министерството за финансии.
Од друга страна, Општина Тетово и градоначалникот Биљал Касами токму оваа недела се пофали ја дека е потпишан договор со синдикат за зголемување на платите на општинската администрација за 7% веќе од следниот месец.
Александар Самарџиев
