Вести Македонија Топ вести

Митовски обвинува за „луди“ соопштенија, Филипче вели тој е неспособен да се справи со 10 крави, камоли со рудник

Кој попрецизно го чувствува пулсот на граѓаните на Крива Паланка за можно отворање на рудник за антимон во нивната општина – раководството на СДСМ или градоначалникот Сашко Митовски, еден од ретките од нивните редови?

Од една страна, партиското раководство неколку дена држи пресови против отворањето на рудникот поради загриженост за животната средина и инсистира на одржување за локален референдум.

Обвинува дека зад рудникот стои финансиер на ВМРО-ДПМНЕ и го обвинува градоначалникот дека е во дослух со премиерот Христијан Мицкоски.

Од друга страна, градоначалникот вели дека почитувањето на еколошките стандарди е нешто за кое не смее да има дилема, но оти спротивставувањето на отворање на рудник во рударски град како Крива Паланка е спротивно и на волјата и на интересите на жителите на општината. Зачуден е од партискиот став за кој не бил консултиран. На ваков начин ги збунуваме граѓаните и си правиме политичка штета, вели тој.

  • „Навистина сум тотално изненаден од наративот во самите соопштенијата, ќе кажам слободно луди соопштенија. За жал никој ми се нема јавено да ме праша кое е моето лично мислење, да ме праша што мислат граѓаните на Крива Паланка по однос на ова прашање. Јас најодговорно тврдам дека моите одлуки ги носам единствено врз основа на потребите, информациите и барањата на граѓаните на Крива Паланка, тие коишто ми ја имаат дадено довербата и единствено пред тие пред кои ја носам политичката одговорност“, вели градоначалникот Митовски.

Тој вели дека општината нема никаква надлежност ниту во отворањето ниту во контролата на рудник, и можел да се огради од темата, но оти чувствува должност да го пренесе ставот на граѓаните.

Филипче денеска повтори дека загриженоста доаѓа токму од граѓаните на Крива Паланка кои немаат доверба дека ќе бидат запазени сите еколошки стандарди при изградбата на рудник за антимон. Го обвини градоначалникот за неспособност.

  • „Нашата реакција и соопштенијата, не би ги коментирал квалификациите, потекнуваат од реакции од луѓе од Крива Паланка. Како ние ќе бидеме сигурни дека тој систем таму ќе биде систем кој ќе ги почитува сите еколошки стандарди. Граѓаните ја кажуваат таа загриженост, не сме го измислиле ние тоа. Притоа, граѓаните прашуваат, како може еден градоначалник кој не може да исконтролира 10 крави утре ќе контролира таков рудник, тој со 10 крави не може да се справи“, изјави Филипче.

Повторното отворање на рудникот за антимон Крстов Дол кај Крива Паланка, кој работел до пред половина век, ја најави премиерот Мицкоски пред две недели. Во моментов се вршат теренски истражувања дали е исплатливо отворањето.

Срѓан Стојанчов

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Аневска во Телма интервју: Скопјани пијат безбедна вода – изворот Рашче е хемиски стабилен, се прават 20.000 анализи годишно

Дејан Дејан

Започна хиперхлорирање на водводот во Гостивар

Kristina Kuzmanovski

Маѓар најави истрага за заемот од 1 милијарда евра од „Ексимбанка“ за Македонија

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе