Претставниците на синдикатите во образованието и културата, Јаким Неделков од СОНК и Вера Атанасовска од СКРМ, во гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма, ги изнесоа своите ставови околу тековните преговори за новиот колективен договор. Додека Неделков изрази оптимизам за изнаоѓање заедничко решение, Атанасовска беше децидна дека нема да се прифати ниту еден чекор наназад во однос на веќе стекнатите права.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, смета дека постои плодна почва и соодветна атмосфера за дијалог. Според него, целта на преговорите е сите страни да излезат како победници преку изнаоѓање на подобар и поприменлив колективен договор.
- „Убеден сум дека од преговорите ќе излеземе сите како победници. Имаме заеднички интерес колективното преговарање да продолжи, да изнајдеме сили, начин и можност да направиме уште подобар колективен договор кој ќе биде применлив и ќе покажеме дека со добра волја од сите страни, ќе донесеме решение на радост на сите културни работници во државата“, истакна Неделков.
Од друга страна, претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, јасно ги зацрта „црвените линии“ на синдикатот. Таа нагласи дека СКРМ нема да дозволи новиот договор да предвидува помали права од постоечките, потсетувајќи на ставовите кои беа искажани и за време на протестите.
- „Ние ќе го штитиме колективниот договор за култура. Нема да дозволиме да испреговараме нов договор каде правата ќе бидат помали од она што веќе сме го договориле. Како синдикат, би било негативно да прифатиме нешто помалку. Ако министерот сака да даде поголеми права, ние не бегаме од тоа, но од веќе стекнатите права нема отстапување“, порача Атанасовска.
Двајцата соговорници се согласија дека социјалниот дијалог мора да продолжи, но со јасен фокус на заштита на достоинството и трудот на вработените во секторот култура. Останува да се види дали надлежното министерство ќе ги прифати овие барања во претстојниот период од преговорите.
