Вести Македонија

Нови рокови за законот за забрана за пушење – оваа или наредната недела ќе се разгледува на владина седница

Нова шанса законот за заштита од пушење да помине на владина седница ќе има оваа, или најдоцна следната недела. Финалното усогласување е при крај, а министерот за здравство Азир Алиу очекува законот наскоро да влезе во владина процедура. Иако првично се најавуваше дека построгиот закон ќе почне да важи од 1 март, роковите се пробија. Причина за тоа беа реакциите од угостителите и тутунската индустрија. Дел од нивните предлози се прифатени, дел се одбиени, а останале уште забелешките од Министерството за земјоделство кои треба да се доусогласат.

„Денеска го имам последниот состанок со министерот за земјоделство за да може да се синхронизираме од правна гледна точка и ценам дека законот веќе оваа недела, најбрзо до наредната недела ќе биде дел од владините процедури.Веќе сме синхронизираме со сите стекхолдери“, изјави министерот за здравство Азир Алиу.

Според најавите, законот ќе предвиди забрана за пушење класични цигари, како и користење електронски уреди, вклучително и ајкос и вејп, во затворени простории. Дополнително, ќе се утврдат јасни правила за употреба на ароматизирани вејпови. За премиерот Христијан Мицкоски предлог законот за заштита од пушење не е шведска маса па да се бираат вкусови.

„Значи сега не е од едно лошо, алтернативата ни е друго лошо. Не е тоа суштината на оваа реформа. Ние велиме дека секој може да си продава тоа што треба да си продава, но треба да има јасно правило како сето тоа ќе функционира. Не можеме тие барања, ние ајде да дозволиме и понатаму ароматизирани вајпови да се користат, и децава на 11-12 години да ги користат. Тоа не е во ред. Тоа е она кое што ние не сакаме да биде во законот, а тие велат да има еден-два вкуса, ментол да имало. Не е ова шведска маса – малку од ова сакам, малку од она, или правиме холистички пристап, пристап со кој што ќе направиме нешто, или подобро да оставиме вака да биде како што е сега, без контрола, па да видиме до кај ќе стигнеме. Се разбира дека второто не е решение. Се разбира дека првото ќе е решение и мора да имаме рамка. Не може вака.“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Инаку, законот требаше да се најде на владина седница уште пред две недели, но беше одложен поради дополнителни усогласувања меѓу институциите. Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски посочи дека нивните забелешки се од техничка природа и очекува наскоро да се постигне договор. Во меѓувреме, дел од бизнисите и тутунската индустрија се жалат. Велат дека ова нема да го намали пушењето, туку може да ја зголеми нелегалната продажба. Министерот Трипуновски пак уверува законот нема да му наштети на домашното производство на тутун.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Филипче од Гостивар: Со Мицкоски загрозени се основните човекови права на здравје и здрава вода

Sonja Petrusevska

Центарот за јавно здравје на 29 јуни и на 13 јули известил дека водата во Гостивар е безбедна

Kristina Kuzmanovski

Д-р Ристески предупредува за здравјето на гостиварци: Долготрајни дегистивни проблеми, намален имунитет, отпорност на антибиотици

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе