Трошокот на еден контејнер со репроматеријали од Кина кои треба да дојдат до тука е зголемен за 65 отсто. За да стигне до најблиското пристаниште до нас, оди преку Африка. Претставниците на странските компании во земјава веќе ги гледаат последиците од воениот конфликт на Блискиот исток. Забележуваат и намален обем на материјали кои им се потребни за работа како алуминиум, пластика и слично. Засега од нивните клиенти нема сигнали дека ќе се намалат нарачките. Но, дали и кога може кризата да се прелее кај нив, за сега тешко е да одговорат.
„Навистина, одговор на ова сè уште не постои. Сè уште немаме видено директно намалување, иако на неделно ниво постојат мали флуктуации во нарачките. Драстично намалување на нарачките се уште не постои, бидејќи постои една несигурност и сите чекаат што ќе се случи“, изјави извршниот директор на „Костал“ и претседател на Советот за инвестиции, Виктор Мизо.
И додека ја анализираат состојбата на Блискиот исток и прават калкулации, инвеститорите во моментов се соочуваат и со уште еден проблем кои доаѓа од регионов – евентуални нови протести на транспортерите кои им ја отежнуваат испораката до клиентите во Европа.
„Ние пробавме да се повикаме на виша сила, нашите клиенти вишата сила не ја прифатија. Тие викаат „тоа е ваша работа, не е наша работа дали се границите затворени или не, вашата обврска е да го испорачате производот““, додава Мизо.
Претставниците на странските компании зборуваа и за она со што се соочуваат тука. Осумдесет отсто од нив се изјасниле дека имаат проблеми со државната помош или со нејзината исплата или со процесот на одобрување.
„Предизвици со кои се соочуваме се државната помош и некои барања и прашања што се третира, како се третира, врзано со даноците, даночните прашања, царината и обврските царински и инфраструктурата“, изјави Сашко Наков од „Анфенол“ од Кочани.
Според последните податоци на НБРМ, лани имало над 700 милиони евра помалку странски компании во однос на 2024 година.
Ирена Чачкова
