Ураганскиот ветер за само неколку минути го претвори Скопје во град на откорнати дрвја, скинати кабли и распарчени покриви. Она што синоќа личеше на сцени од апокалиптичен филм, денес е реалност на речиси секој скопски булевар и улица.
Но, најголемата цена ја плаќаат земјоделците. Невремето не уништи само пластеници, избриша години труд и надеж за заработка. Рамадан Ејупи остана без повеќе од 40 пластеници со краставици, домати и дињи. Вели, една ноќ беше доволна за да исчезне се што го градел со децении. Како последен удар, силниот ветер откорнал орев кој паднал врз неговиот трактор. Сега, освен што нема род, нема ниту со што да ја обработува земјата. Единственото што го бара е државата да не ги остави сами.
„Околу 10 илјади евра само најлонот што е скинат, плусробата што е а не можеш да стигнеш веќе. Крај на сезона е. Ова што се откри ќе се уништи се од сонцето. Да стигнеш да работиш немаш волја веќе, гледаш какво е . Оваа година ајде ќе помине, но другата што ќе правиме. Секаде сме задолжени по аптеки, не знам ни што да правиме каде да се обратиме. И други комшии имаат штета, голема штета имаат не само ние. Има и други фолии таму и од другата страна, имаме доста штета“, речеРамадан Ејупи жител на с. Крушопек
Земјоделците допрва ќе ги бројат штетите.. Телефоните во скопските општини не престануваа да ѕвонат. Десетици граѓани пријавуваа штети, откорнати дрвја, згмечени автомобили, паднати бандери, скинати електрични кабли и покриви што ветерот ги носел како хартија.
Во Карпош падна дел од кровот на Центарот за странски јазици. Во Аеродром, силниот ветер откорна дел од покривот на станбена зграда. Јарболот е преполовен, знамето го нема, а опасно се нишаше и знакот за пешачки премин.
Лимови паѓаа и во Карпош, а влез во една станбена зграда остана блокиран поради откорнат покрив. Граѓаните велат вакво невреме не паметат. Наместо одговори од природата, бараат одговорност од институциите и прашуваат дали објектите биле доволно безбедни за да издржат ваков удар.
„Јас сум 80-тина години и ова го немам видено до сега“, вели еден скопјанец.
„Во возилото бев, многу страшна работа. Плочи летаа ама за среќа не ме погоди. Имаше страшни работи, кровови, дрвја откорнати еве ова евде е целосно откорнато дрвото. Три згради ист направени, од едната кровот паднал значи не е добро направено на времето и сега ќе си трпиме штета“, рече сограѓанин.
„Погледајте овде на зградата недостасува кровот. Видете колку шајки излегуваат од таму која е тоа конструкција можело некого да го потфати главата да му ја отсече. Значи навистина, тие лимарии, тие лимени кровови .. значи инспекторите, надлежните органи не работат како што треба“, вели друг граѓанин.
Под налетите на ветерот не попуштија само станбени објекти. Дел од покривот на Основното училиште „Тихомир Милошевски“ во Ѓорче Петров заврши на земја, а оштетен е и дел од покривната конструкција на болницата „8 Септември“. Вчера беа регистрирани над 9000 повици до ЦУК. Ветерот според официјалните информации од УХМР дуваше со фантастични 135 километри на час..
Симона Петровска
