Министерот Дурмиши тврди – нема информација дека има енормно поскапување, пратеникот од СДСМ, Спасовски му порача да излезе до пазарче и самиот да се увери колку се зголемиле. Цените и ризиците од воениот конфликт тема на пратенишки прашања. Од пратеничката говорница посочи дека има брутално поскапување. Откако го исчита списокот со производи кои за една недела добиле повисоки цени, го праша министерот Дурмиши дали ќе воведе мерки за превенција, а ако не ги знае цените да оди да ги види.
„Ако не знаете какви се цените излезете од министерство за економија одете на пазар во Буњаковец и ќе видите колку пари се пиперките, колку се доматите и ќе ги видите цените нема кој да ви кажува и што треба да правите“, изјави Оливер Спасовски- пратеник од СДСМ
Министерот Дурмиши од собраниската говорница возврати дека нема информација за енормно поскапување, состојбата се следи и ако треба ќе се донесат мерки.
„И сакам да истакнам дека Државниот инспекторат има поделено 30 групи во целата земја и ги контролира комплет од производителите, тие кои прават дистрибуција и до трговците и до сега не сме имале информација дека има енормно зголемување“, рече Бесар Дирмиши – министер за економија и труд.
Дебатата се зачини и со убедувања дали во земјава се точи гориво по најниска цена во регионот. Од власта цврсто стојат на ставот дека мерките за ублажување на последиците од поскапувањето на дериватите се навреме донесени. Опозицијата пак е убедена дека потегот е задоцнет и требало порано да се реагира.
