Во првите часови по трагедијата во дискотека „Пулс“, лекарите од болниците во Кочани и Штип се соочиле со исклучително тешка и непредвидлива ситуација. Состојбата на дел од повредените пациенти брзо се влошувала, поради што тие морале итно да бидат препраќани во Клинички центар, а најтешко повредените да заминат на лекување во странство.
Во целиот процес лекарите се соочиле со сериозни административни и организациски предизвици, бидејќи протоколот за меѓународен транспорт и прием на вакви пациенти не им бил доволно познат, што дополнително ја усложнило борбата со времето и со постојаното менување на здравствената состојба на повредените.
Секој пациент треба да има анамнеза, дијагноза, да има направено испитувања, плус име и презиме и број на пасош-тоа се документите кои е потребно да се пратат во системот. Потоа тие податоци автоматски одат во болниците каде што може да бидат прифатени. Што ни се случи на нас? Постојано се менуваше состојбата на пациентите. Таман ќе подготвевме еден пациент да се пренесе, тогаш сфаќавме дека има други на кои повеќе им се влошила состобата, кажа Игор Мерџановски, директор на ТОАРИЛУЦ.
Една година по трагедијата, лекарите се потсетија на тешките моменти. Зборуваа за проблемите со кои тие се соочиле, но и за лекциите што ги научиле.
-Најчести изгореници беа тие на лице, раце и на грбот. Кај тие деца не беше запалена облека туку беа изгорени отворени површини од втор и трет степен“, раскажа Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директорката на Клиника за пластична и реконструктивна хирургија.
-Бев сведок на една колегијалност, меѓусебна поддршка, колегијалност и комуникација. Тоа беше доказ дека здравствениот систем може да функционира“, смета Синиша Стојановски, директор на ГОБ 9 Септември.
По страотниот пожар во дискотеката Пулс повеќе од стотина пациенти замина на лекување во странство, а лекарите велат дека токму ова искуство ја покажало потребата од појасни протоколи, подобра подготвеност на здравствениот систем за вакви масовни несреќи во иднина.
Тамара Марковска
