Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе кривична пријава против едно физичко лице – сопственик и управител на едно правно лице, како и против самото правно лице, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик на Македонија.
– Првопријавениот Т.Д., во својство на управител на второпријавеното правно лице, свесно и со однапред утврдена намера да се стекне со противправна имотна корист за себе и за правното лице, во периодот 2024–2025 година, постапувајќи спротивно на членовите 23 и 54 од Законот за управување со дополнителни текови на отпад, за увезениот текстил од страна на второпријавеното правно лице не пријавил и не платил надоместок за отпад кон Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, во вкупен износ од 3.852.067 денари. Со цел да го прикрие непријавувањето и неплаќањето на законскиот надоместок, првопријавениот на 17.04.2026 година покренал постапка за ликвидација на второпријавеното правно лице пред Централниот регистар на Република Северна Македонија – се вели во соопштението на Финансиска полиција.
Оттаму додаваат дека со наведените дејствија, пријавените го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија за вкупен износ од 3.852.067 денари.
