Денеска почна штрајк на грчките царински службеници, кој се одржува во периодот од 05:00 до 09:00 часот по македонско време.
Ограничувањата се однесуваат на сите три гранични премини меѓу Македонија и Грција – Евзони (Богородица), Ники (Меџитлија) и Дојрани (Дојран). За време на протестот, патничките возила се пропуштаат во интервали од по десет минути, што создава забавен проток и можни колони.
Товарниот сообраќај е целосно запрен.
Грчките царински службеници со протестот бараат подобри услови за работа и исплата на додатоци за прекувремена работа, сменска работа, работа за време на празници и викенди.
Од македонското Министерство за внатрешни работи информираа дека граничните служби од македонска страна работат непречено и според редовните процедури. Посочуваат дека се ангажирани сите потребни човечки и технички ресурси и дека евентуалните задржувања ќе зависат исклучиво од динамиката на работа на грчките гранични служби.
