Развој и обука на медицински тимови за брзо распоредување и брз одговор на инциденти од големи размери, чести симулациски вежби и повеќе капацитети за третирање на пациенти со тешки изгореници, се само дел од мерките што од Дирекцијата за заштита и спасување укажуваат дека треба да се преземат по кочанската трагедија.
На денешната конференција посветена на институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани, беше потсетено дека, големите катастрофи ги вадат на површина системските слабости и тие треба да се искористат за елиминирање на грешките.
Потребно е јасно дефинирање на улогата и одговорностите, правно и административно олеснување на меѓународната помош, почесто да се вежбаат плановите за итни состојби и да се имплементира европскиот механизам ЦЕСИС, што многу ќе ни ја олесни работата и најважното, да се воведе механизам на научени лекции, за да не ги повторуваме грешките, рече Валентина Атанасовска од Дирекција за заштита и спасување.
Атанасовска потсети на сè што се случуваше по активирањето на европскиот систем за меѓународна помош. Првата помош е понудена од соседите Грција и Бугарија, додека, преку европскиот систем прва понудила помош Хрватска, од каде е испратен хеликоптер.
Во текот на тој и следниот ден, 115 пациенти се транспортирани во Литванија,Унгарија, Словенија, Хрватска, Белгија, Полска, Италија, Шведска, Австрија,Турција, Шпанија. Бидејќи дел од земјите немаат соодветни воздухоплови, транспорт бил обезбеден и од Романија и Луксембург.
Од Европскиот центар за итен одговор беше кажано дека ниту еден национален систем не може сам да се справи со вакви несреќи и затоа е клучен системиот на европска солидарност. Негово активирање е побарано и од Швајцарија при несреќата во Кран Монтана, а за македонскиот случај рекоа дека е многу добар пример за европска солидарност и соработка во случај на вакви катастрофи.
Капацитетите за лица со изгореници се посебна област, нема добро распоредување во сите европски држави. Инциденти и со помали изгореници се големо оптоварување за секоја европска држава. Исто е и со капацитетите за транспорт, тие се многу специфични системи и и не се секогаш достапни, Затоа една меѓународна солидарност е важна, за да се пополнат овие јазови, рече Слен Ванромел од Европски координативен центар за итен одговор.
Министерот за внатрешни работи откри дека само неколку месеци претходно имало вежба на која повеќе институции симулирале голема катастрофа, а токму тоа помогнало во брзата реакција. Веќе имало формиран кризен штаб кој веднаш реагирал.
Премиерот, пак, во своето обраќање им се заблагодари на сите држави кои помогнааа, како и на здравствените работници од Македонија и странство. Ги прочита имињата на загинатите и рече дека ќе продолжи да бара одговорност за случајот.
Само 8 месеци од моето управување со државата се случи да се плати сметката за еден девастиран систем кој беше уништуван со децении. Кој е виновен за сето ова? На ова мора да дадат одговор обвинителството и судовите. Но, воедно мора да говориме и за вината во креирањето на тој систем кој потфрли, каде со децении и години се креира тоа диво месо кое стигна до нашите најмили, рече Мицкоски, премиер.
Заклучокот од конференцијата беше дека македонскиот систем се справил повеќе од соодветно во првите моменти по несреќата, но и дека уште треба да се работи на надминување на слабостите. За да се надминат сите овие проблеми, се формирани работни групи кои треба да подготват планови за во иднина.
Далиборка Демјанска Цветановска
