Предмет на осомничениот апелационен судија Ѓоко Ристов застарел, откако тој не сторил напор да го заврши во разумен рок. Ова произлегува од увидот во дел од неговите предмети што ги правеле членовите на Судски совет. Името на предметот не беше соопштено, но Телма дознава дека станува збор за предметот познат како „Спец каса“ за злоупотребени 820.000 евра од УБК, каде меѓу обвинетите беше и Тони Јакимовски, ексначалник и шеф на кабинет на тогашнииот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Година и пол бил предметот во скопска Апелација. Шеснаесет јавни расправи биле закажани, имало многу одлагања поради сведоци, поротници и други причини. Обвинетите кои во Кривичен добиле казни затвор од три до шест години, Апелација им ги сменила казните во алтернативни и една ослободителна. Предметот во Врховен стасал во декември во 2025 година, денови пред да застари, откри работната група на Судски.
„Периодот од денот на преземање на предметот до првото рочиште во Апелација е неразумно долг, 90 дена. Немало образложение од страна на судијата од кои причини се прифатени сведоци и немало оценка од страна на советот од кои причини било потребно да се сослушаат овие сведоци, а тоа одзело најмногу време за овие 16 расправи. И периодот на објава до завршување на одлуката е 31 ден. Од тие причини се констатира дека постојат некои сомневања за несовесно постапување на судијата, бидејќи не сторил доволно напори предметот да биде завршен навремено, така што нема да биде доведен во опасност кривичниот прогон од апсолутна застареност“, изјави Сузана Јошевска Анастасовска, член на судски совет.
Во друг предмет застарувањето било спречено поради итното постапување на Врховниот суд. Судскиот совет правел увид во девет предмети наведени во анонимна претставка за Ристов. Во дел од предметите откриле неправилности, пробивање на рокови, неоправдани одложувања и други пропусти, во дел не, а дел не биле предмети на судијата чија работа е под лупа и откако во домот на неговите родители во ѕид беа пронајдени 350.000 евра.
Многу невообичаености членовите на Судски забележале и предметот на битолскиот суд кој му го укина притворот на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски со гаранција од пет милиони евра. Сопственикот на „Марковски Компани“ обвинет е за злоупотреби во РЕК Битола
Увидот следуваше по сомнежите во јавноста за тенденциозно составен кривичниот совет кој одлучувал по жалбата на Марковски, а се чекало и да се врати претседателката на судот од приватна посета. Судијката, која била претседател на советот, дури 23 дена откако го добила предметот кој како притворски бил итен. Судија кој требало да оди на одмор на 12 јануари бил исклучен од акмисот за доделување на предмети уште на 5 јануари, утврдила работната група на Судски.
Извештаите на работните групи беа изгласани, а дополнително членовите на судски можат да поднесат барање за одговорност на судии.
Елена Ивановска Мукоска
