Вести Македонија Топ вести

Цената на непроширување би ја надминала цената на проширување – ЕП усвои документ за стратегијата за проширување на ЕУ

Пратениците во Европскиот парламент (ЕП) усвоија стратегија за проширување на Европската унија (ЕУ) во која се оценува дека проширувањето е стратешки одговор на променливата геополитичка реалност и витална инвестиција во безбедноста и стабилноста на ЕУ.

Според усвоениот документ, цената на непроширувањето би ја надминала цената на придружувањето на нови членки на ЕУ, што би ризикувало создавање на геополитички сиви зони подложни на антагонистичко странско влијание, јави радио Слободна Европа.

За извештајот гласале 385 европски пратеници, против биле 147, додека 98 биле воздржани.

Авторот на нацрт-документот, пратеникот Петрас Ауштревичиус, оцени дека во услови на предизвиците на денешницата мора да дојде до подобрување на моделот на интеграција во ЕУ за подобро да се одразуваат интересите на Унијата и очекувањата на земјите кандидати.

„Проширувањето на ЕУ мора да оди рака под рака со внатрешните реформи за да се заштити функционирањето на ЕУ и да се подобрат процесите на донесување одлуки, вклучувајќи поголема употреба на гласање со квалификувано мнозинство. ЕУ мора да ги заврши овие реформи до моментот кога кандидатите кои водат кон ЕУ ќе ги исполнат критериумите за членство и ќе бидат подготвени за пристапување во ЕУ“, оцени Ауштревичиус.

Во усвоениот документ се наведува дека Црна Гора и Албанија веќе поставија амбициозни цели за завршување на преговорите за пристапување до крајот на 2026, односно 2027 година. Се истакнува дека ЕУ би требало да ги охрабри овие земји кога нивните амбиции ќе бидат придружени со опипливи реформи, па се повикува Советот на ЕУ да го признае овој замав и да ги отстрани сите препреки кои постојат на страната на ЕУ. Преку овој извештај се повикува и на што побрзо отворање на преговарачките кластери со Украина и со Молдавија.

Во документот се истакнува дека членството во ЕУ мора да остане засновано на заслуги, а процесот реверзибилен. Ниту една земја, како што стои во документот, не смее да се третира како дел од пакет. Европските пратеници преку извештајот порачуваат дека не може да има кратенки во поглед на вредностите и темелните принципи на ЕУ.

„Владеењето на правото, демократските реформи, слободата на медиумите, правата на малцинствата, независноста на правосудството и борбата против корупцијата мора да останат во прв план на процесот на проширување, со одржлива поддршка на граѓанското општество“, се наведува во документот.

Исто така се подвлекува неопходноста од усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што се оценува како „клучен показател за геостратешката ориентација на земјата кандидат“.

Пратениците на Европскиот парламент забележуваат дека најзагрижувачкото демократско назадување се случува во земјите на проширување со најниска усогласеност со заедничката европска политика на санкции, како и во оние земји каде што процесот на пристапување ефективно е во застој.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гостиварски „Комуналец“ ја префрла вината на ЈПДП за нереализираниот проект за водоводот – проблем биле 16.000 денари

Sasko Dimovski

Кривични за семејно насилство – еден син ја влечел мајка му со кола, а друг со тупаници барал пари од својата мајка – обвинителството бара мерки за претпазливост

Дејан Дејан

Стомачните тегоби не стивнуваат, но епидемилошката состојба полека се смирува, велат епидемиолозите

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе