Борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена, таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права, бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори, истакна претседателот на МАНУ, академик Живко Попов.
- „Законот за македонскиот јазик е донесен со задоцнување и затоа државните институции треба да вложат многу поголеми усилби за негова соодветна имплементација. Потребно е и воспоставување правилна употреба на македонскиот јазик како официјален јазик за меѓусебно разбирање на сите граѓани на државата, согласно со општоприфатените меѓународни прописи во светот и во ЕУ каде што ние целиме.
- Во годината кога прославуваме 80 години од кодифицирањето на македонскиот јазик, со жалење мораме да констатираме дека македонскиот јазик е единствениот национален јазик во Европа заедно со црногорскиот без свој национален или референтен корпус. Тоа е голем пропуст што мора да се исправи. Затоа во Академијата ќе започне работата на создавање на таков корпус што ќе можат да го користат сите истражувачи на јазикот“ истакна академик Попов.
Академијата има стручни кадри и знаење за да го спроведе овој проект, додава академик Попов, а ќе бидат поканети претставници од сите релевантни институции што можат да придонесат во работата на еден ваков проект од стратегиско значење.
Н.С.
