Иран денеска ќе биде погоден многу силно! Ова е порака која американскиот претседател Доналд Трамп ја напиша на својата социјална мрежа. Претходно иранскиот претседател, им се извини на своите соседи велејќи дека Техеран нема да ги нападне „освен ако прво не биде нападнат“. Во своите коментари Трамп оценува дека Пезешкијан им се предал на своите соседи на Блискиот Исток. А изјавата на иранскиот претседател беше емитувана непосредно по повторените напади утрото врз Бахреин, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Тој, исто така, упати предупредување до соседните земји што размислуваат да се приклучат на конфликтот, велејќи им дека не треба „да станат играчка во рацете на империјализмот“. А на САД и Израел им порача дека може само да сонуваат за тоа Иран да се предаде.
- „Да се предадеме безусловно, тие треба да го однесат тој сон во гроб. Она на што сме посветени е меѓународното право, човечките рамки и принципите за кои зборуваат, тие треба да бидат посветени на тие принципи. Тие не можат да ги игнорираат правата на која било земја, вклучително и Иран“ – Масуд Пезешкијан, ирански претседател.
Според последните извештаи нападите во регионот не запираат. Експлозии го потресоа еден од главните аеродроми во Техеран, а очевидци велат дека виделе запален авион на пистата. Дрон експлодирал во близина на Меѓународниот аеродром во Дубаи, Катар соопшти дека пресретнал ракета. Иран вели дека во нападот биле погодени радарски системи, центар за воздушно војување и сателитска комуникација во базата кај Абу Даби. Трамп најави дека американската војска разгледува и нови цели кои досега не биле дел од плановите за напади. А израелскиот премиер рече дека операцијата „Рикот на лавот“ продолжува.
- „Го напаѓаме непријателот – и врз неговото раководство, неговиот угнетувачки режим и врз разни цели, вклучително и во Либан. Прво, би сакал да им упатам најдобри желби за целосно и брзо закрепнување на нашите ранети, вклучувајќи го и синот на нашиот пријател, министерот за финансии Безалел Смотрих, и сакам нашите војници и ранети да знаат дека целата нација стои зад вас“ – Бенјамин Нетанјаху, израелски премиер.
Гневот кај иранските граѓани е голем. Во иранската амбасада во Њу Делхи за време на комеморацијата на Ајатолахот Хамнеи, голем број луѓе носеа фотографии со Трамп и Нетанјаху, и извикуваа: Долу, Америка, долу Израел! Тие во знак на револт со своите обувки ги удираа и газеа сликите на првите луѓе на САД и Израел. Иранскиот амбасадор во Индија со оценка – Ова не е само политички или воен конфликт. Оваа историската борба помеѓу вистината и лагата.
Билјана Ставрова
