По неколку добиени тужби против Бугарската држава пред Судот за човекови права, во полза на здружението на Македонците во Бугарија ОМО „Илинден“ – Пирин, адвокатот Тони Менкиноски доби забрана за влез во Бугарија на 10 година. Образложението за одлуката на Софија е дека Менкиноски претставува закана за националната безбедност на Бугарија и е ставен на нејзината црна листа.
Менкиновски вели дека очекувал вакво нешто, со оглед дека изминатиот период од Комитетот на министри на Советот на Европа бил зголемен притисокот врз Бугарија за имплементација на 14 пресуди за овозможување на Македонците во Бугарија да се здружуваат по етничка основа и да формираат здруженија и партии.
- „Јас сега во моментов сум ограничен со моите клиенти, со ОМО „Илинден“ – Пирин, да комуницирам или на било каков начин да ги заштитувам нивните права во Бугарија. Ова е израз на немоќ за Бугарија и од причина што сега Комитетот на министри ја има притиснато Бугарија и целта е да не заплаши, како адвокат и како луѓе, да не ја истераме целата постапка до крај“, вели Менкиноски.
Менкиноски кој освен како кон адвокат, сметам дека ова е чин и лично кон него како Македонец да му го ограничи правото на движење. Тој најавува жалба до Управниот суд на Бугарија, за која му тече рокот од 14 дена, а за случајот ќе ги информира и ОН и постојните комисии за човекови права, Советот на Европа и Комесарот за човекови права, ОБСЕ, но и сите релевантни меѓународни организации за заштита на човековите права. За потегот на Бугарија ќе биде информирана и македонската влада, но и Делегацијата на Европската унија во земјава бидејќи црниот печат од Бугарија автоматски значи забрана за влез и во другите држави на ЕУ.
- „Посебни институции на ОН кои се грижат за невлијание врз адвокати и судии од страна на власта и на невлијание на луѓе кои се занимаваат со човекови права“, вели Менкиноски.
Менкиноски кој ги застапува ОМО „Илинден“ – Пирин во нивната борба за признавање на правата на македонското малцинство во Бугарија, вели дека 25 години кон него Бугарија вршела посебни гранични контроли, за што приложи документ за извршен личен претрес уште до 2001 година, но сегашната забрана ја оценува како преседан за владеењето на правото и човековите права.
Тамара Грнчароска
Б.С.
