Адвокатите на обвинетите за пожарот во „Пулс“ побараа, но судиите не прифатија да се спои судењето со она за 13 полицајци обвинети за тешки дела против општата сигурност. Бранителите велат не може да има два предмети и две вистини за ист настан. Ова барање на одбраната следува откако претходно бараа ревидирање на обвинението по примерот на предметите за полицајците на обвинителството за гонење организиран криминал и поделба обвинетите, на оние кои го предизивкале пожарот од службените лица.
Судот не ги прифати аргументите на бранителите поради економичност на постапката за да не дојде до непотребно одолголлување со оглед на тоа што овој предмет веќе е во доказна постапка. Тоа што е ист настан не е причина за спојување на постапките рече судијката Дијана Груевска Илиевска.
Денеска сведочеа млади луѓе кои кобната вечер на 16-ти март биле во „Пулс“. Снимајки видеа за социјалните мрежи случајно го фатиле и моментот кога избувнал пожарот. Раскажаа за стампедото, за моментите кога барале спас, но ги посочија и обвинетите обезбедувачи кои им помогнале. Во најтешките моменти Христијан Китанов гледал како му се лупи кожата на раката.
„Почувствував како искри, а од плафонот паѓаа црни точки, мислам дека беа како сунѓер. Ми паднаа позади, на грбот, каде имам изгореници од втор степен. Тогаш ме фати паника и почнав да се буткам во гужвата, во стампедото. Кога се приближив до вратата паднав, врз мене падна други луѓе, сите бевме прилепени. Ми беше изместена левата коленица.Почнав да молам за помош“, изјави Христијан Китанов, сведок.
Откако еден од адвокатите имсистираше да одговори дали бара кривичен прогон и оштета од тие што го спасиле, сведокот рече за сите освен за обезбедувањето. Тој раскажа и дека ноќта кога влегле полицајците во „Пулс“ малолетните тргнале да се кријат во тоалетот.
На почетокот на денешното рочиште обвинетиот Гроздан Милковски сопственик на објектот каде била дискотеката „Пулс“ се пожали на здравствени проблеми меѓу кои и сепса на гради и бактерија на грб и рече дека не може да присуствува на рочиштата ниту има како да доаѓа до Идризово. Судијката му рече дека е во тек со неговата здравствена состојба, а докторот ја имформирал дека тој може да го следи судењето. Го предупреди ако не се појави на следното рочиште дека ќе му определи притвор.
Елена Ивановска Мукоска
Дигитална обработка: Т.Д.
