Франција ќе го зголеми бројот на нуклеарни боеви глави и ќе ја прошири својата стратегија за одвраќање за да опфати и други европски држави, најави претседателот Емануел Макрон во обраќање во воената база Ил Лонг кај Брест.
Тој порача дека „следните 50 години ќе бидат ера на нуклеарно оружје“ и најави нова нуклеарна подморница која треба да биде пуштена во употреба во 2036 година.
Според него, Франција повеќе нема јавно да го соопштува точниот број на боеви глави, кои досега се проценуваа на околу 300.
Во рамки на новата стратегија за „напредно одвраќање“, осум европски земји – меѓу нив и Германија, Полска, Шведска и Данска – ќе учествуваат во заеднички вежби и развој на дополнителни капацитети, вклучувајќи системи за рано предупредување и воздушна одбрана.
Француските стратешки воздухопловни сили би можеле да бидат распоредени и во други европски бази, со цел да се зголеми ефектот на одвраќање.
Промената се оценува како најзначајна во француската нуклеарна доктрина од времето на поранешниот претседател Чарлс Де Гол.
Сепак, конечната одлука за евентуална употреба на нуклеарно оружје останува исклучиво во рацете на францускиот претседател, а новата политика, според Париз, ќе ја надополни – но нема да ја замени – нуклеарната стратегија на Нато Алијансата.
