Цените на становите во Скопје се влезени во нагорна спирала, затоа што многумина инвеститори очекуваат да продолжат да растат и на големо купуваат со што го зголемуваат притисокот врз цените, велат упатени во пазарот со недвижности со коишто разговаравме. И покрај енормниот раст од изминатите години, цените нема да се стабилизираат на краток рок доколку владата не интервенира, уверени се нашите соговорници.
Податоците на Народната банка покажуваат дека становите само во изминатата година поскапеле за дури 25 отсто.
Според податоците на Агенцијата за катастар, просечната цена на становите во Центар во последното тримесечје од 2025 била 110 илјади денари, односно скоро 1800 евра за квадрат. Малку поевтини биле во Карпош. Најскапиот стан бил 3000 евра по квадрат, односно стан од 83 квадрати бил продаден за 246 илјади евра.
Цените ги зголемува и инвестирањето заради очекување на пораст на цената. Веќе и странски фондови купуваат станови во Скопје.
„Последна информација ми е, сега неофицијална, дека дански фонд, во станови во згради во изградба, на територијата на Скопје, недалеку од Центарот има купено, 40 станови. Прашувам за што, дали ќе ги издаваат, не знаат. Мислам дека тука инвестицијата е зашто се очекува цените и понатаму да растат што не е гаранција“, изјави гувернерот Славески во гостувањето во Вин Вин на Телма.
Според информации на Телма, се работи за многу повеќе станови купени од дански инвестициски фонд. Според нашите информации, тие досега склучиле договори за 144 стана – кај Ист гејт мол и во центарот на градот, а планираат бројката да достигне до 350 стана во главниот град.
Резултатите од пописот во 2021 година покажуваат дека во Скопје има 60.000 празни станови. Годишниот данок на имот на становите е околу 3000-4000 илјади денари, без разлика дали некој има еден или 10 стана, со што чувањето на становите заради очекувано поскапување е многу евтино.
Упатените токму тука ја гледаат можноста за владина интервенција. Ако се воведе прогресивен данок на имот за становите што зјаат празни, ќе стане неисплатливо да се чуваат со што ќе се зголеми понудата.
Славески вели дека Народната банка има ограничени механизми за да влијае, но навести промени во даночната политика.
Според податоците на Еуростат, становите во ЕУ во изминатата деценија поскапеле за 65 отсто. Во Македонија, поскапувањето е 118 отсто.
Срѓан Стојанчов
Б.С.
