Вести Македонија Најважни

СДСМ со апсолутна поддршка за безбедносните аспекти на Сејф сити, ама бара дебата за висината на казните и големиот ризик за следење на граѓаните со камерите

На собраниската агенда сè уште не е вратена точката за законот за прекршоци, со чија измена ќе се официјализираа казнувањето со „Сејф сити“. Треба двотретинско мнозинство, ДУИ начелно го поддржа, но бара повеќе измени меѓу кои и јазични во записниците кои ги испраќа системот.

СДСМ, пак, како што вели нивниот лидер Филипче, има апсолутна поддршка за „Сејф сити“ во делот за безбедноста на сообраќајот и намалување на жртвите, но посочува два ризика кои треба да се расчистат во Собранието, висината на казните и заштитата на личните податоци од партиска злоупотреба.

„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот „Сејф сити“ ги собира. Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, следење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да, туку така, тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, изјави Филипче.

Филипче не беше на лидерската средба на која покрај законот за прекршоци тема беше и техничката влада, но вели секојдневно до јавноста ги адресира ризиците и проблемите во продукција на актуелната влада.

Премиерот Мицкоски, пак, вчера изјави дека постои договор со кој од 1 февруари ќе почне функционална примена на „Сејф сити“, а разликите со ДУИ за законот за прекршоци ќе се пеглаат наредната недела.

Но, ќе се пегла и системот „Сејф сити“ додека траат политичките договарања за законските измени. Од вторник до 31 јануари, полицијата ќе врши тестирање, калибрација и верификација на поставените камери за сообраќаен надзор. Проверките ќе се вршат секој ден од 8 часот сабајле до 8 часот навечер и на местата каде се работи улиците привремено ќе бидат затворени.

Според сознанија на Телма, за време на пробната употреба било откриено дека неколку камери не функционираат соодветно поради што се заменети. МВР постојано потенцира дека со пуштањето на системот се намали бројот на сообраќајни несреќи со жртви и бројот на сообраќајни прекршоци.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Агент што го познавал Епстин пронајден мртов во стан во Париз

Sasko Dimovski

Рекордни 1,15 трилиони долари за одбрана – Трамп побара, Претставничкиот дом на САД одобри

Sasko Dimovski

Петнаесетина минути чекање на ГП „Богородица“ за излез од државата

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе