„Као какао“ е новиот македонски автентичен мјузикл инспириран и работен по мотивите на музиката на Влатко Стефановски според текст на Венко Андоновски и во режија на Дејан Пројковски. Премиерата се очекува во мај.
- Зошто да не ?! Подобро да бидам сведок на тоа, отколку да се прави кога ќе ме нема, рече Влатко Стефановски, музичар.
„Во оваа фаза од мојот живот и од мојата кариера сум прилично пребирлив што би работел, но и што не би работел, вели Влатко Стефановски за новиот мјузикл насловен „Као какао“ во режија на Дејан Пројковски. Во ниту еден миг не се сомневам во квалитетите на сите оние кои се вклучени во овој проект, затоа што ако нешто имаме тоа се талентирани млади луѓе, додава тој.
- Многу ми е драго што Венко Андоновски го напиша текстот, кој го читав во авион враќајќи се од Лондон. Немав што да правам, а не сакам да читам од телефон, а ниту од компјутер, сакам на хартија, ама си викам ајде имам три саати лет. Ајде да видам за што се работи и со зумирање успеав да го прочитам текстот. Кога е еден текст добар? Ако те допре емотивно е добар, ако не те допре не е добар. Овој текст ме насмеа три пати, ме расплака два пати, што е гаранција дека текстот е навистина добар– Влатко Стефановски, музичар.
- Малкумина знаат јас сум давал интервјуа за мојата младост. Јас имав сериозна желба да го надминам Влатко Стефановски во гитара, не успеав. Отидов на книжевност и првата книга што ја добив беше „Диво месо“ од Горан Стефановски и него не успеав да го надминам, ама еве Господ ги реди работите дојдов до тоа и она што мислев како гимназијалец за Влатко и се уште го мислам дека е еден од најдобрите светски гитаристи, за нашите не сакам ни да зборувам– Венко Андоновски, писател.
Со Венко Андоновски до сега многу пати сум соработувал, но за мене ова е прва соработка со Влатко Стефановски и вистина ми е драго, вели Пројковски
- Музиката на Влатко е еден вид на македонска музичка лична карта, особено кога човек работи долго во регионот секогаш едно од вторите или трето прашање на фестивалите е дали го знаеш Влатко– Дејан Пројковски, режисер.
- Квалитетот на луѓето што учествуваат, квалитетот на музиката на Влатко Стефановски, ни дава право да мислиме дека доколку не е најдобриот тогаш сигурно е еден од најдобрите културни проекти воопшто направени во последните децении и ни дава за право да мислиме дека ќе излеземе надвор од границите на нашата држава– Владимир Мандичевски, извршен продуцент.
Мјузиклот „Као какао “ се очекува да ја има својата премиера во мај.
Нина Стефанова
Б.С.
