Со свечената изјава во Собранието, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ го започнаа шестгодишниот мандат во судскиот совет. Претседателот на ова судско тело, Камбовски ги пречека како засилување. Јошевска Анастасовска вети отчетно и одговорно работење, Кадри Шахиновиќ не даде изјава за медиумите.
„Денеска дадовме изјави за лична одговорност но очекувам дека заеднички ќе успееме да изградиме силна институција. Чекор по чекор, храбро, отчетно, одговорно и трпеливо да почнеме да се движиме во позитивен правец и да придонесеме да се зголемува довербата во судството. Време е за интегритет. Време е за одговорност и храброст“, изјави Сузана Јошевска-Анастасовска, членка на Судски Совет.
„Сигурен сум дека добивме двајца врвни професионалци и дека тие ќе бидат додадена вредност на советот кој ќе може конечно да застане на здрави нозе и да ја остварува својата надлежна надлежност“, рече Александар Камбовски, претседател на Судски Совет.
Двете нови членки ги предложи претседателката на државата Сиљановска Давкова, која го чекаше новиот закон за судски совет за да се пополнат испразнетите места на Весна Дамева и Милјазим Мустафа.
Собранието не го почека новиот закон и објави оглас по стариот за да го пополни местото на Селим Адеми. Комисијата за избори и именувања на 11 декември предложи член на Судски да биде советник за прекршоци во тетовската полиција. Предлогот, кој наиде на реакции во јавноста, досега не беше ставен на собраниска седница. Сега се најавува нов оглас.
„Ќе треба да ги прашате претседателот и членовите на Комисијата за прашањата на избори и именувања. Најверојатно се на мислење да се повтори огласот, затоа што веќе имаме нов закон и ќе треба сите членови да се изберат по новиот закон. Но, тоа мора да го донесат како одлука претседателот и членовите на Комисијата за изборите и именувањата. Сепак, работа е на Комисијата за изборите и именувањата“, порача Африм Гаши, претседател на собранието.
Претседателот на комисијата за избори и именувања Ѓорѓија Сајковски за Телма изјави дека следната недела ќе предложи распишување на нов оглас.
Следува уште една промена во Судски, затоа што месецов му завршува мандатот на Ханиф Зендели. На 29 јануари судиите ќе бираат меѓу шест колеги: Африм Јакупи, судија на Апелационен суд Гостивар, Садула Изаири, судија на Основен суд Тетово, Улбер Хасани, судија на Основен граѓански суд Скопје, Хасан Асани, судија/претседател на Основен суд Тетово, Џемали Саити, судија на Врховен суд, Шпреса Граинца Османи, судија на Основен кривичен суд Скопје.
Елена Мукоска Ивановска
Б.С.
