Платата на вработените во Министерството за одбрана, без разлика дали станува професионални војници или цивили административци, две години не е покачена ниту за еден денар, алармираат од репрезентативниот Независен синдикат на одбраната.
Тие ја алармираат јавноста бидејќи и средбите со министерот за одбрана Владо Мисајловски не вродиле со плод, бидејќи добиле одговор дека пари за повисоки плати во одбрана нема.
Според независниот синдикат, на почетокот на 2024 година се носат измени во законот за служба и се менува системот за пресметка кој беше врзан со минималната плата, односно со секое покачување на минималецот се покачува и платата во одбраната, а вработените се врзуваат за бодовен систем за кој синдикатот бара веднаш да се покачи за 20 проценти.
Второто барање на синдикатот е ревидирање на системот за пресметка на бодовите и тој да се врзе со трошоци за живот и инфлацијата. Синдикатот бара и решавање на статусот на професионалните војници до нивно пензионирање.
Јуришиќ е дециден дека тие ќе го продолжат дијалогот со надлежните и министерот и дека тоа е единствениот начин на кој функционира репрезентативниот синдикат во одбраната.
Од друга страна пак, дијалогот меѓу ССМ и Владата за покачување на минималната плата е речиси исцрпен и се погласни се најавите за протести и генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор. За минималната плата ставот на синдикатите е познат. Сметаат дека повеќе од неопходно е истата да биде 600 евра, затоа што петстотини евра веќе не се доволни.
Според последните податоци од Управата за јавни приходи (УЈП), повеќе од 16.000 работници примаат нето-плата заедно со додатоци до 23.000 денари. Дури 365.000 вработени се во рангот од 23.000 до 45.000 денари, а плата од 45.000 до 61.000 денари примаат околу 82.000 лица. Над 1.000 евра плата примаат околу 56.000 лица во Македонија.
Според пресметките на синдикатите, на едно четиричлено работничко семејство му се потребни над две и пол минимални плати за да ја покрие минимална синдикална кошничка додека еден функционер со својата плата може да си дозволи до 2,5 такви минимални кошници.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.
