Предлог-законот за пушење е премногу ригорозен и може да предизвика сериозни штети во економијата, вели професорот на Земјоделскиот факултет, Златко Арсов. Според него, законот не прави јасна дистинкција меѓу различните тутунски производи, туку сите ги поистоветува како тутунски или никотински, иако постојат повеќе категории кои се прецизно дефинирани во Законот за тутун.
„Освен благородната цел која е замислен, нели да се штити здравјето на непушачите и пушачите и да се спречи консумацијата на никотински производи, јас мислам дека овој ќе нанесе одредени штети во економијата, главно во угостителската индустрија па можеби ќе го оневозможи производството и прометот на разновидните тутунски производи“, вели Златко Арсов професор на факулетот за Земјоделски науки и храна.
Професорот Арсов додава дека дел од забраните и досега постоеле, но прашање е колку тие биле почитувани на терен. Тој предупредува дека со новиот предлог-закон дел од засегнатите страни би можеле да останат без работа, при што потсетува дека тутунските производи имаат значаен удел во државниот буџет.
„Тутунските производи некаде се оданочени со 70% од малопродажната цена тука е значи акцизата, ддв-то , значи на годишно ниво во буџетот, према потрошувачката на цигари што ја имаме моментално и други производи, се цени дека во буџетот влегуваат помеѓу 400 и 450 милиони евра, што е значителна ставка во приходот на државата“, вели Златко Арсов професор на факулетот за Земјоделски науки и храна
Од друга страна, министерот за здравство уверува дека новиот Закон за заштита од пушење нема да има негативни импликации врз работењето на угостителските објекти и нагласува дека неговата единствена цел е заштита на здравјето на граѓаните. Во меѓувреме, и угостителите и тутунарите ги усогласуваат своите ставови — едните очекуваат средба во Владата, а другите состанок во Стопанската комора, по што ќе излезат со официјални реакции.
Симона Петровска
