Американски имиграциски агент усмрти 37-годишна жена во Минеаполис. Трагичниот настан предизвика полемика во јавноста, откако локални официјални лица ги отфрлија тврдењата на претседателот Доналд Трамп дека станувало збор за самоодбрана. И додека министерството за национална сигурност тврди дека Рене Никол Гуд била „насилна“, обидувајќи се да ги прегази агентите, градоначалникот на Минеаполис Џејкоб Фреј порача дека во случајот се работи за „безобзирна употреба на сила“, пишува „Би-Би-Си“.
Инцидентот се случил на 7 јануари околу 10:25 часот претпладне по локално време. Снимките што ги објавија случајни минувачи укажуваат на тензична ситуација. На нив се гледа темноцрвен теренец кој блокира улица додека во близина се наоѓаат демонстранти и возила на безбедносни тимови.
Агентите во еден момент му приоѓаатна возилото, а еден од нив се обидува да ја отвори вратата од страна на возачот. Друг агент стои пред возилото кое во тој момент се обидува да тргне. Во тој момент, агентот испукува три куршуми, возилото губи контрола и удира во паркирани автомобили. Врз основа на снимките, нејасно е дали возилото навистина го удри агентот.
