Владината реконструкција според премиерот Мицкоски е нова енергија и нова фаза во разојот на државата. Пред пратениците тој рече и дека 8 те мина министри кои беа разрешени не се луѓе кои не работеле туку напротив во различни околности, во различни ресори дале свој придонес во реализацијата на владината програма со која ја добија поодршката од граѓаните
- „Довербата што граѓаните ја дадоа пред нешто повеќе од две години не му припаѓа ниту на премиерот, ниту на министрите, ниту на било која политичка партија. Таа доверба им припаѓа единствено на граѓаните. Ние сме само привремени чувари на таа доверба. И затоа имаме обврска постојано да се преиспитуваме, да проценуваме дали можеме повеќе, дали можеме подобро, дали можеме побрзо. Влада што престанува да се преиспитува почнува да стагнира, а влада што стагнира ја успорува и државата,“ рече премиерот Христијан Мицкоски.
Додека за власта реконструкцијата е визионерски потег – од опозициските партии низа критики и за досегашната работа и неостварени ветувања на владата до тоа дека реконструкцијата е вовед во предвремени избори дека станува збор за стара влада нова амбалажа, театарот е ист глумците се исти а само оделата се нови.
- „Замената на неколку министри нема да ги намали цените, нема да ја зголеми минималната плата, нема да ја намали синдикалната кошничка. Власта има обврска да го слуша народот и нивните потреби и приоритети да ги преточи во политики коишто ќе дадат резултати. Со оваа реконструкција не се менуваат политиките, не се поправаат грешките и не се презема одговорност. Се менуваат само фотелјите, додека истите луѓе продолжуваат да управуваат со државата. Реконструкцијата сама по себе е признание дека владата не испорача резултати,“ истакна Јованка Тренчевска, пратеничка од СДСМ.
- „Сметам дека оваа реконструкција, како што кажав, е храбар чин и визионерски чекор на претседателот Христијан Мицкоски. Избрани се лица коишто ќе бидат министри до крајот на овој мандат, коишто се силно докажани секој во својот ресор,“ рече Александар Велјановски, пратеник од ВМРО ДПМНЕ.
- „Билансот на оваа влада која се ребрендира не е листа со успеси, туку долг каталог на лаги. Истакнаа уставни измени во текот на шест месеци, но ништо нема. Напротив, ние сме во тотална изолација денес. Нудеа еднаквост за албанскиот јазик, но го оспорија секој механизам кој го штити,“ истакна Рина Ајдари, пратеничка од ДУИ.
„Не само министерствата, ги потопивте и ги оставивте во многу долгови. Скоро сите. Во африкански амбиент се сите албански градови. Го уништивте образованието, здравството за 22 години и се трудите сите тие ваши неуспеси во централните и локалните институции да не ги адресирате кај нас,“ рече Аднан Азизи, пратеник од ВРЕДИ.
Премиерот ги предложи Јетон Шасивари за местото на Игор Филков, Агон Ферати на чело на министерствтото за односи со заедниците на местото на Иван Стоилковиќ кој оди во локална самоуправа , Сашо Клековски за здравство каде досега раководеше Азир Алиу, Ѓоко Велковски за социјална политика на Местото на Фатмир Лимани, Борче Серафимовски за министер за земјоделство на местото на Цветан Трипуновски, Седат Сулејмани во култура во фотелјата на Зоран Љутков , Ерџан Демир за министер без ресор на местото на Шабан Салиу.
Елена Ивановска Мукоска
