Швајцарските власти ја идентификуваа првата жртва која трагично загина во страотниот пожар кој се случи за време на новогодишната прослава во Кран-Монтана. Станува збор за Емануел Галепи, 16-годишниот Италијанец, кој е меѓу загинатите, чиј биланс засега е најмалку 40. Во пожарот повредени се околу 120 лица, меѓу кои најголем број се тинејџери. Според лекарите можно е бројката на починати да се зголеми со оглед на тешките изгореници.
„Имаше изгореници на кожата од различен степен, како и оштетување на респираторниот тракт. Имало вдишување и на чад и на топлина што кај некои веројатно довела до внатрешни изгореници. Oва е навистина катастрофална ситуација, што можете да ја замислите“, рече Ерик Бонвин, директор на болница во Сион, Швајцарија.
Според швајцарската полиција идентификација на жртвите може да трае неколку недели, бидејќи изгорениците се од огромни размери кај починатите кои се од различни држави. Семејствата на исчезнатите веќе 30 часа немаат информации за нивните најблиски. Меѓу повредените е ѝ сопственичката на барот „Ле Констелејшн“ Џесика Морети.
На местото на пожарот биле испратени 13 хеликоптери, 32 амбулантни возила и над 150 лица за итни интервенции. Повеќето од повредените се пренесени во болницата во Лозана во одделот за специјални изгореници, додека другите се на лекување во други градови во Швајцарија, а испратени се пациенти и во Франција, Италија и Германија.
„Сведоците зборуваат за тоа како виделе преживеани со ужасни изгореници, кои биле заробени во подрумот на барот „Констелејшн“. Се сомнева дека таму започнал пожарот. Некои од нив се задушиле при вдишување на чад од задушувачките гасови“, изјави Џон Лестер, новинар од Асошиејтед Прес.
Швајцарија веќе прогласи петдневна жалост за најголемата трагедија која ја погоди земјата во поновата историја. Истрагата се уште ги утврдува причините за несреќата. А бројните сведоштва и видео материјали потврдуваат дека пожарот настанува поради користење на пиротехника ставена во шишиња од шампањ, кои прво го палат покривот, по што пожарот брзо се шири и настанува паника.
🚨 A video taken inside the bar shows the start of the fire that caused the death of dozens of people last night in a bar in Crans-Montana, Switzerland. 😔😔😔#CransMontana pic.twitter.com/dflW8FqPKu
— kayvan sabouri (@KayvanSabouri) January 2, 2026
Швајцарското обвинителство објави дека истражителите ќе испитуваат дали ноќниот бар ги задоволувал безбедносните стандарди, во смисла дали имало доволно излези и ПП апарати. А во текот на денот се очекува властите дополнително да излезат со повеќе информации.
Tea Димковска
