Во емотивна и тензична атмосфера се одвиваше сведочењето на три мајки кои ги загубиле своите деца во пожарот во кочанската дискотека Пулс на 16 март годинава. Како хаос и хорор ја опишаа кобната вечер кога дознале дека настанал пожарот и кога отишле да ги бараат нивните деца. Не очекувале дека ќе наидат на таква страшна глетка и дека ќе има толку жртви. На моменти плачеа додека сведочеа, а солзи можеа да се забележат и на лицата на другите присутни родители зад стаклената бариера во судницата во Идризово.
Последното сведочење на Габриела Наунова која загубила ќерка во пожарот предизвика тензии меѓу родителите и обвинетите. Таа кажа дека била редовен гостин во Пулс, а таму среќавала и градежни инспектори и полициски началници, а на фотографии како гостин и на самото отворање го имало и поранешниот кочански градоначалник Ратко Димитровски. Обезбедувањето немало облежја, но сите знаеле дека тоа им е работа.
- „Пулс беше единствена дискотека во Кочани, особено зимски период во таа дискотека излегуваа многу што седат на овие столчиња. Не се надевавме дека таа дискотека работи нелегално се додека не се случи овој трагичен настан, бидејќи таму излегуваа и инспектори од полицијата и градежни инспектори и градоначалници, па да речам 90 отсто од Кочани сите бевме таму и никогаш во мојот живот не сум помислила дека работи нелегално и дека таа дискотека се знаима со црни работи.”
Еден од обвинетите градежниот инспектор Огњен Ѓоргиев ја праша дало го видела него таму бидејќи зборувала во множина на што Наунова негативно одговори. Прашањето на Ѓоргиев наиде на негодување од родителите на што тој со револт се обррати кон судот.
- „Ние пред време ли сме осудени. Ајде не ме судете, стрелајте ме одма. Дај боже и вие да седите тука. Ти си крива и ти треба да си обвинета. Детето требало дома да ви биде ако немало 18 год.”
Остро регираа и присутните родители кои му довикуваа „ѓубре“, „те знаеме кој си“, „твоите деца се живи нели?“. Наунова сведочела и на разговор меѓу полициска инспекторка и Михајло синот на сопствеикот на дискотеката Дејан Јованов Деко како го информирала дали ќе има рација или не во Пулс. Михајло Јованов приговараше дека не е точно тоа и дека никогаш не разговарал на таа тема со инспекторката.
Одбраната на обвинетите ја праша Наунова и дали знае како изледала внатрешноста на дискотеката. Таа одговори потврдно, но не и дека го знаела материјалите од што е направена таа дискотека.
Не видела пожарникари вечерта само пожарникарно возило, а според неа полицајците седеле со скрстени раце.
Кога во нејзини раце завршила ќерка и која била онесвестена и побарала помош од еден од полицајците добила одговор дека не е обучен за тоа.
Сведочеа и Ирена Минова и Марија Петрушева. Едната загубила 16-годишна ќерка. Другата 24-годишен син. Нивните деца немале видливи повреди и изгореници туку починале од вдишаниот чад. Петрушева пред судот рече дека во овој момент и замерува само на една личност која е најодговорна, алудирајќи на Јованов Деко, при што неговиот син е до него, а нејзиниот го нема.
Минова пак сведочеше дека кобната вечер го видела токму Михајло Јованов заедно со еден полицаец и само стоеле отстрана додека децата заробени во дискотеката барале помош.
Од она што го видела и го слушнала и покрај тврдењата сега дека сите на некој начин помагале и спасувале деца, според неа, не е точно. Помагаа само оние што сега веќе се починати бидејќи таму немаше простор да влезеш два до три пати па да излезеш жив, рече таа.
Марија Митевска
Б.С.
