Со 73 гласа ,,за“ и 1 „воздржан“ Собранието го донесе предлог -законот за Судски совет. Опозицијата гласаше за законот затоа што е дел од реформската агенда, но реагираат дека начинот на кој е влезен во собраниска процедура не е коректен и дека со доцнењето се изгубени финансиски средства.
Претходно се обидоа со 13 амандмани да го подобрат текстот, а прифатени им беа четири, но реагираат дека, Венецијанската комисија и Оценската мисија дале препорака, членовите на Судскиот совет да се бираат по моделот по кој се бираат членовите на Антикорупциската комисија, а тоа овојпат не е случај. Од владејачкото мнозинство аргументираа со тоа дека Венецијанската комисија нема забелешки за законот.
Клучните новини кои ги предвидува законот се воведувањето на јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет.
Исто така, законот прецизно ги дефинира критериумите за тоа кој може да биде избран за „истакнат правник“ и воведува задолжителна јавна расправа при избор на членови кои не се од редот на судиите.
Советот отсега ќе има и законска обврска детално да ги образложува и одлуките за избор и одговорност на судиите, со јасно утврдени рокови за дисциплински постапки и прецизирани механизми за жалба.
Далиборка Демјанска Цветановска
Б.С.
