Над 25 тони пиротехнички средства се пронајдени и одземени во две товарни возила и магацини на правно лице од Скопје, а во врска со случајот лишени од слобода се две лица, од кои едното е полициски службеник.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, на 24 декември 2025 година во 08:35 часот, на наплатната станица Градско, полициски службеници од ОВР Кавадарци, во содејство со Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал при Одделот за криминалистичка полиција, ги лишиле од слобода Н.Р. (41) и И.Р. (41), двајцата од Скопје.
При контрола на товарно возило „пежо боксер“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Н.Р., во кое како сопатник бил И.Р. – полициски службеник во Полициската станица Бит Пазар, била пронајдена поголема количина пиротехнички средства без соодветна документација. Лицата изјавиле дека пиротехниката припаѓа на правно лице од Скопје.
„При преземање дополнителни мерки и активности, пред магацинот на правното лице било пронајдено уште едно товарно возило, натоварено со пиротехнички средства, кое било оставено и напуштено“, соопштија од МВР.
Денеска, по судска наредба, бил извршен претрес во магацините на правното лице, при што биле пронајдени и одземени над 25 тони пиротехнички средства.
Од МВР најавуваат дека Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, во координација со ОВР Кавадарци, ќе продолжи со преземање мерки за утврдување на сите инволвирани лица, а по целосно комплетирање на документацијата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по член 396 став 7 од Кривичниот законик.
