„Несериозно е да се остави ваква важна институција нефункционална“, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој апелираше до пратеничките групи да се изнајде политичка волја и во Собранието да се избере Народен правобранител.
На денешната средба со новинарите тој кажа дека лично ќе се ангажира да се најде решение за ова прашање, кое е заглавено веќе неколку месеци затоа што предложеното решение, Фатон Сељами, магистер по правни науки од Тетово, со положени правосуден и нотарски испит да седне во оваа фотеља, нема поддршка од ДУИ, а оттаму и нема доволен број на гласови за гласањето по Бадентер.Вработените оттаму веќе реагираа дека, од први јануари ќе нема кој да ја потпише завршната сметка и да обезбеди пари за плати, за кирија и за комуналии.
„За жал, доколку не се најде политичка волја да се избере Народен правобранител, дека треба да се најдат други, алтернативни решенија. Но, мислам дека не се исцрпени сите политички капацитети да се најде компромис и затоа повикувам уште еднаш овие денови да се седне да се најде решение и мислам дека немаме толку големи разлики за да не можеме да одлучиме кој ќе биде Народен правобранител“, рече претседателот на Собрание.
Законот за Судски совет ќе биде на седница во вторник, на 30 декември. Гаши очекува и новите членови на ова тело да се бираат согласно новиот закон. Комисијата за избори и именување предложи наследник на Селим Адеми да биде Аљбан Кадриу, главен советник за прекршоци од тетовската полиција, со положен правосуден испит и магистриратура од јавна админстрација и меѓународни односи, но реагираа од Блупринт групата за реформи, кои се сомневаат дека ќе биде избран по стари критериуми. Гаши вели дека тоа е компетенција на комисијата, но смета дека штом има нов закон, треба да се постапи по него.
Кривичниот и Изборниот законик ќе се носат по Нова година. Во Собранието се уште не е формирана работна група за Изборен законик, затоа што, цел месец откако пратил писма до политичките партии да именуваат членови за ова работно тело, освен Левица – не одговорила ниту една друга партија.
Ист епилог имало и барањето, партиите да пратат имиња за членови на Анкетната комисија за неколкуте трагедии што се случија во државата.
Далиборка Демјанска Цветановска
Дигитална обработка: Т.Д.
