Четириесетина од 155 луѓе кои работеа со договор на дело во Клиничка болница во Тетово, не добија постојано вработување кое им беше ветено по протестите во текот на мај и јуни. Тие велат дека на нивните места е примен надворешен кадар, односно луѓе кои не работеле во болницата.
„Членови од владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ ни посочија за да бидам сигурна дека ќе добијам решение, да почнам да одам на нивните состаноци и да извадам партиска членска книшка. Еве, јавно ќе ви се обратам дека тоа нема да се случи. Нема да бидам никаков партиски војник што ќе го примите на работа и од него да барате услуги. Не може некој претседател на месен комитет да одлучи за мене дека нема да бидам примена на работа, а на мое место да ја примат сопругата на нивни сопартиец кој е член на Управниот одбор на Клиничката болница Тетово. Ова е непотизам и казниво е со закон“, изјави Ивона Неделковска.
Претставници на хонорарците кај директорот побараа одговор зошто не е исполнето ветувањето. Директорот Ерзен Елези, кој прими претставници на хонорарците на разговор, уверува дека вработувањата се направени според законските прописи. Според него, примени се 80 проценти од луѓето со договор на дело.
„Според профилите што ги има што е за огласот, за конкурсот, има разни профили. На некои профили што има вработени тука кај нас под договор, мислам на пример акушерство има само едно место што може да се прими, а под договор се 10. Значи една треба да се прими и примена е таа што е под договор 10 години. Не можеме сите да ги примиме“, вели Ерзен Елези, директор на Клиничка болница Тетово.
Директорот информираше дека добил одобрение за нов конкурс со цел постојано вработување да добијат и останатите кои се со договор на дело.
Александар Самарџиев
