Со изведба на сценскиот колаж „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“, ансамблот на нашиот најголем национален театар на 29 декември, а потоа и на 15 и 16 јануари, ќе прослави 80 години постоење. Во перформансот, во режија на Дејан Пројковски, ќе настапат 55 актери од МНТ, студенти од ФДУ и од универзитетот „Еуропа Прима“, деца од актерското студио „Михајловски“, а специјални гости ќе бидат солистите Ана и Игор Дурловски.
Изведбата е патување низ осумдецениската историја на МНТ и ќе го долови тоа што е втиснато во колективната меморија на театарот, кажа директорот Никола Кимовски.
„Оваа претстава не ја реконструира историјата линеарно, туку чувствено ја артикулира нејзината суштина. Нејзината амбиција е да го допре она што е втиснато во колективната меморија на МНТ, гласовите, телата, тишините, храбрите одлуки и луѓето на сцената и зад неа, без кои театарот не може да постои“, рече Никола Кимовски, директор на МНТ.
„Да се присетиме дека во МНТ се родиле и „Буре барут“, „М.М.Е. кој прв почна“, „Среќна Нова ‘49“, „Кенгурски скок“, „Макавејски празници“. И многу друг голем број на претстави, кои што се дел од темелот на она што денес се нарекува современ МНТ“, кажа Дејан Пројковски, режисер на перформансот.
