Завиен во смог и магла главниот град, а од видокругот синоќа ги снема како во магично шоу и други населени места ширум земјата. Телма, се обиде со камерата да ја долови синоќешната слика – што дишат граѓаните додека спијат?
Низ улиците освен семафорите и светлата ништо друго не беше видливо. Но, одговорот стаса од лекарите.
Ако имате отежнато дишење, и проблеми во извршување на секојдневните активности една од причините е сигурно загадениот воздух.
Според пулмологот Татабитовска, последиците на долг рок го забрзуваат процесот на стареење на белите дробови, што ќе доведе до влошување на квалитетот на живот и појава на голем број на заболувања.
Меѓутоа кај здравите луѓе малите честички покрај акутниот имаат и кумулативен хроничен кој со долготрајна со долготрајна изложеност како што ние впрочем ја имаме секоја зима континуирано во повеќе денови од зимата тие значи покрај локално на респираторниот систем делуваат системски, бидејќи можат да навлезат длабоко во белите дробови и да поминат во крвотокот така што може да предизвикуваат едно хронично воспаление, оксидативен стрес и ризик од развој на инфекции, а ѝ развој на карцином, изјави Александра Татабитовска, пулмолог на ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија.
Биологот Арсовски објаснува дека додека обичната магла е само метеоролошка појава, смогот претставува мешавина од влага и загадувачки материи кои директно влијаат врз нашето здравјето и животната средина.
Смогот претставува мешавина од оваа магла заедно со други загадувачки материи кои се наоѓаат во атмосферата, заедно со други загадувачки гасови. Во тој случај загадувањето е заробено од влагата во маглата и постојано не опкружува со нас. Во овој случај тоа претставува многу екстремно загадување кое директно може да влијае врз нашето здравје, а и врз целата животна средина. Е сега, постојат два вида на смог. Еден смог се нарекува индустриски или зимски смог кој се формира за време на зимските месеци во кој се меша маглата кога се формира нормално заедно со загадувачките материи и така наречен летен смок кој настанува при влијание на сончевата светлина врз гасовите кои се наоѓаат како загадувачка материја во атмосферскиот воздух, објаснува Кирил Арсовски, еколог и биолог.
Магла во скопската котлина дополнително придонесе и до намалена видливост што го отежнува авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје. Од полноќ до сега откажани се 20 летови, а останатите летови се одложени или пренасочени кон најблиските аеродроми.
Од ТАВ Македонија информираат дека состојбата се менува, аеродромот е отворен, и апелираат до патниците да ги следат известувањата на авиокомпаниите со кои летаат.
Засега, краткорочните мерки и препораки се во насока во денови кога е големо аерозагадувањето се препорачува да се остане дома, да се носат заштитни маски, како и да се избегнува физичка активност, а ранливите групи редовно да ја земаат терапијата.
Но, изостануваат темелните промени во насока на загревањето, поголема заштита од индустриските капацитети и преработувачката индустрија, како и промени околу јавниот превоз.
Tea Димковска
