Во изминатите два дена, пет мерни станици во Скопје регистрирале зголемено присуство на ПМ10 честички, над дозволената граница од 150 микрограми на кубен метар. Зголемено аерозагадување е измерено во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и кај Ректоратот, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Поради надминување на прагот на алармирање, МЖСПП препорачува бремените жени, лицата над 60 години и хронично болните да бидат ослободени од работни обврски. Се препорачува и реорганизација на работното време, при што работата на отворено да се одвива меѓу 11 и 17 часот.
Дополнително, се советува да не се организираат спортски и културни настани на отворено, да се засилат инспекциските контроли на индустриските капацитети и возилата, како и да се забрани горење на отворено, со цел намалување на загадувањето.
Т.Д.
