Поранешната министерка за правда Рената Дескоска е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија на Советот на Европа, на 145. сесија што се одржува на 12 и 13 декември во Венеција, соопшти таа преку својот фејсбук профил.
За нова претседателка на Комисијата е избрана Марта Картабија од Италија, додека за потпретседатели, покрај Дескоска, се избрани и Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство. Дескоска посочи дека е прва потпретседателка на Венецијанската комисија од Македонија и од земја која не е членка на ЕУ.
Таа нагласи дека изборот го доживува како признание за нејзиниот досегашен ангажман, при што учествувала во изработка на 14 мислења на Комисијата, како и во повеќе мисии и конференции. Дескоска истакна дека новата функција претставува дополнителна обврска за продолжување на промоцијата на европските стандарди во демократијата, човековите права и владеењето на правото.
