Уставна дилема, политичка драма и илјадарка што „разединува“ – останува да виси прашањето, што ќе биде со линеарното зголемување на пензиите. Пензионерите во септември на картичка добија плус илјада денари, а во март наредната година треба да има ново линеарно усогласување за уште толку. Но, Уставен суд пред помалку од еден месец одлучи да преиспитува дали зголемувањето од вкупно две илјади денари е во согласност со Уставот.
Судијката Кацарска вчера во Директно на Телма ги објаснуваше членовите за кои смета дека се косат со Уставот. Премиерот Мицкоски денеска праша како тогаш – другите линеарни зголемувања се уставни?!
„Јас не сум правен експерт, не ни пледирам да бидам, ниту пак сум експерт по уставно право. Но, ако линеарното зголемување од илјада денари коешто треба да го земат пензионерите во март е неуставно, како тогаш се уставни другиве линеарни зголемувања?! Еве нека ми објасни некој правен експерт како тоа ќе го толкува? Преку правна гимнастика, во минатото видовме дека неправо станува право. Како ќе бидат уставни претходните илјада денари и двапати по 2500 денари?!“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Според Кацарска, разликата меѓу двете покачувања на пензиите она од 2500 денари и ова сегашното од илјада денари е во тоа што првото е завршено, а второто е во релизација.
По однос на обвинувањата од страна на власта дека предничела во отворањето на постапката за случајот „пензии“, порача дека предметите по азбучен ред ги дели секретарот на судот, на судија известител и на советник.
„Некој му дава грешни информации на премиерот. Дали намерно или ненамерно – не знам. Но, истиот излезе со став дека јас го имам потпишано конечното решение и дека пензионерите ќе ги враќаат тие пет илјади денари. Бидејќи премиерот не е по вокација правник, нормално е да не ја знае постапката пред Уставниот суд. Но, прашање е кој тоа го мести премиерот со давање на лажни информации?!“, вели уставната судијка Добрила Кацарска.
Измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што Собранието ги изгласа на крајот на јули веќе се преточија во повисоки пензии – првото линеарно зголемување пристигна со исплатата на први септември, а второто треба да биде догодина во март.
Петар Догов
Б.С.
