Во вечерашната емисија на Телма „Директно“ се отвори и прашањето за Европскиот суд за човекови права кој неодамна даде мислење дека треба да се отвори постапка по жалбата на поранешната министерка Јанкуловска за случајот во врска со набавката со мерцедесот. По повеќе основи е проблематизиран судскиот процес, а еден од аргументите е дека Јанкуловска била осудена уште пред да почне судењето. Актуелната уставна судијка Добрила Кацарска, тогаш судијка која го водеше предметот „Тенк“ рече дека не само во овој предмет каде што беше осудена Јанкуловска, во сите пресуди кои што ги имам донесено за 34 години судиско искуство, јас сум била непристрасна и секогаш постапувам согласно законите, согласно доказите, согласно утврдена фактичка состојба.
„Колку што читав нејзиниот сопруг (адвокат на Јанкуловска наша заб.) зборува дека, јас сум давала јавни изјави и слично, тоа е иста фактичка состојба со исти докази и тоа е дел од диспозитивот, јас само ја читав пресудата за Никола Груевски и Ѓоко Поповски (во предметот „Тенк“) и диспозитивот на таа пресуда не можеше да се оттргне отстрани, затоа што тоа е всушност фактичката состојба“, рече Кацарска.
- Но дали тоа јавно читање на диспозитивот на пресудата може да се смета за предвремена проценка на вина?
„Апсолутно не, одговори Кацарска и додаде, Јанкуловска имаше можност да ги изнесе сите свои докази и се она што беше предложено од нејзина страна беше прифатено од судот, сите нејзини докази беа изведени комплетно“.
- Но пред да се случи таа ваша изјава, таа немала можност да се произнесе и на некој начин јавно таа во тој момент е осудена бидејќи велите дека го поттикната Поповски да го направи делото.
„Никој не е осуден додека пресудата не стане правосилна. Се додека некој не добие правосилна пресуда тој е невин“, беше децидна уставната судијка.
- Дали можеби од денешен аспект би го направиле диспозитивот на пресудата поинаку?
„Не би можела да направам поинаков диспозитив кога директно се докажа дека таа има влијание врз Ѓоко Поповски, дали требаше него да го ослободам? Конечно таа пресуда е потврдена и од Апелациониот суд и од Врховниот суд на РС Македонија“, рече Кацарска.
- Во контекст на фер судење во жалбата до Стразбур се наведува дека обраната изнесувала докази, вие сте ги им се обраќале на обвинителите со „колега“ или „колешке зарем нема приговор да вложите“? Дали сте делувале како организиран сојуз со Обвинителството, наместо да бидете независен арбитер?
„Сојуз не правам со никого, ни со обвинители, ни со адвокати, ни со политичари, децидна е Кацарска, која додаде јас не сум ги повикала да дадат забелешки. Но, ако не дале приговор, ако ми било чудно, но во никој случај тоа не е договор или поинаков третман“.
Таа меѓу другото истакна дека жали секогаш кога некоја наша одлука ќе помине лошо во Стразбур како долгогодишен судија.
„Моја пресуда досега не паднала во судот во Стразбур. Тврдам дека пресудите ги носам исклучиво врз основа на законите, така сум ги носела сите пресуди. Секако дека не би сакала да има негативна одлука, но не чувствувам никаква одговорност, затоа што не сум постапувала ниту тенденциозно, ниту незаконито. Од владиниот агент очекувам одговорот да биде професионален и очекувам тој секако во оваа фаза да контактира и со мене, затоа јас сум таа што го води тој предмет. Многу се зборува за овој предмет, а не е единствен што бил пред Стразбур очекувам дури и да се објават одговорите од владата би било многу коректно“, рече Кацарска.
Б.С.
