Дупката во пензискиот фонд со години се продлабочува. За една деценија, буџетските пари кои се додаваат за пензии се удвоиле, покажува анализата на Бизнис објектив. Нема брзо и лесно решение за проблемот. Зголемување на платите за вработените, зголемување на бројот на вработени, зголемување на стапката на придонеси за пензиско осигурување. За покачување на возраста за пензионирање властите засега не размислуваат.
Или да се прибираат повеќе пари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување или да се намалат трошоците за пензии. Иако звучи едноставно, намалувањето на дупката во пензискиот систем, која е стотици милиони евра годишно, воопшто не е лесна за решавање. Особено поради стареењето на населението и иселувањето.
Пензискиот систем во Македонија функционира така што вработените плаќаат придонеси за од нив сегашните пензионерите да добиваат пензии. Кога имало по петмина вработени на еден пензионер воопшто немало проблем, но сега помалку од двајца вработени, освен своите плати, треба да заработат и уште една пензија, а тој сооднос со години се влошува. Најлоши години беа од 2002 до 2005 година, кога на еден пензионер имаше по само 1,3 вработени, но ситуацијата полека се подобруваше, па во 2015 дојде до 1,86 вработени на еден пензионер. Оттогаш секоја година тој сооднос се намалува за во 2024 година да падне на 1,64 вработени на еден пензионер. Сега има 556 илјади пријавени вработени и 343 илјади пензионери.
Поради недоволните пари од пензиско осигурување, владата додава пари од буџетот за да може да се исплатат пензиите. За една деценија, буџетските пари за пензии се удвоиле. Во 2024 таа сума достигна скоро 700 милиони евра.
Секоја година, над една третина од парите во пензискиот фонд доаѓаат од буџетот. До 2018 година над 40 отсто од буџетот на Фондот за ПИОМ доаѓал од државната каса. Ситуацијата се подобрува по 2017, за во 2023 таа бројка да падне до 32,6 отсто. Минатата година, дупката повторно се продлабочи на над 36 отсто, а слична се очекува и годинава. Кои се решенијата? Зголемување на платите, зголемување на бројот на вработени, зголемување на стапката на придонеси за пензиско осигурување.
„Во системот имаме низа на категории кои не се вклучени во системот на социјално пензиско осигурување, односно тоа се категории на лица кои во моментот работат, како што се на пример фриленсерите, некои сезонски работници коишто иако работат, сепак системот на ги опфаќа. Треба во иднина да се генерира систем каде што ќе имаме поволности, стимулации за нивно доброволно вклучување во системот и на таков начин да се зголеми бројот на осигуреници. Исто така, извор на дополнителни осигуреници се жените кои во голема мера се неактивни на пазарот за труд. Тука може да се направи дополнителна интервенција за да се зголеми бројот на осигуреници. Друг аспект на приходната страна е од аспект на износите коишто се уплатуваат. Во 2018 година беше направена корекција на износот на придонеси. Не е исклучена можноста и за понатамошни подлабоки реформи, меѓутоа еден аспект без подлабоки реформи е целосно пријавување на платата за којашто работниците работат. Во нашата економија имаме и понатаму доста голема зачестеност на плата во плико, односно на еден дел од платата се целосно пријавени придонесите, а еден дел се зема во кеш на којшто не се плаќаат придонеси“, вели Благица Петрески од Фајнанс тинк.
Според законот, пензиите се усогласуваат двапати годишно – во март и во септември. Процентот на зголемување на пензиите зависи од покачувањето на трошоците за живот и од покачувањето на просечната плата. Сепак, владата во три наврати носи ад хок одлуки за линеарно зголемување на пензиите во септември 2024 и во март 2025 година од по 2500 денари и во септември годинава од 1000 денари. Благица Петрески од Фајнанс тинк вели дека линеарното зголемување на пензиите е проблематично од аспект што ги демотивира сегашните вработени да плаќаат придонеси на цела сума, и ја зголемува непредвидливоста на системот. Со ад хок решенија владата може да одлучи да ги зголеми пензиите повеќе од што предвидува законот, но може и да даде помалку.
„Преку линеарно зголемување на пензиите коешто во моментов е популарно, тоа е дискрециона одлука, каде што овозможува секоја година различно да биде дефинирано колкаво ќе биде ова линеарно зголемување и во зависност од политичкиот циклус во моментот, оваа категорија може да варира од поголеми износи непосредно пред избори до помали износи непосредно после избори“, вели Петрески.
Светската банка и Фискалниот совет бараат зголемување на старосната граница за пензионирање. Се предлага, границата за пензионирање да се зголеми на 67 години. Сепак, ова е многу непопуларен предлог и ниту власта, ниту опозицијата не го поддржуваат. Со оглед на краткиот животен век, тоа може да ги демотивира вработени да плаќаат придонеси. Сега, просечниот пензионерски живот е околу 11 години.
Според законот, жените одат во пензија на 62, а мажите на 64 години. Сепак, се размислува за овозможување на доброволно продолжување на работниот век како што беше до 2021 година, кога работниците што не сакаат да одат во пензија можеа да побараат да работат до 67 години за маж и 65 години за жена.
Владата уште пролетоска формира работна група за спроведување на пензиските реформи, од кои треба да произлезат предлози за решавање на ситуацијата. Фондот за ПИОМ предложил да се воведе можност придонеси за пензиско да може да уплаќаат луѓе кои не се формално вработени, можност за доброволно продолжување на работниот век во приватниот сектор и после 64 години, плаќање на придонеси за ангажираните со договор на дело во јавниот сектор и постепено зголемување на стапката за пензиско осигурување за 0,3 отсто годишно до 2030 година.
Во 2005 година беше направена реформа и беше воведен задолжителен втор пензиски столб. Подоцна се намали пензиското осигурување од 21,2 отсто на 18,8 отсто од бруто платата. Од тие 18,8 отсто, 6 отсто одеа во вториот столб, а 12,8 остануваа во првиот столб. Значи дека наместо дотогашните 21 отсто, во ПИОМ завршуваа 12,8 отсто од бруто платата на сите вработени, односно приходите се преполовија, а пензиите мораше да продолжат да се исплаќаат. Тоа дополнително ја продлабочи дупката во пензискиот фонд.
Власта се надева дека во наредните години, кога во пензија ќе почнат да заминуваат луѓето што уплаќале во вториот столб, притисокот врз Фондот за ПИОМ ќе се намали. Од вториот столб, идните пензионери треба да добиваат пензија, но не од идните вработени, туку од своите заштедени пари кои пензиските друштва треба со години да ги оплодуваат. Сегашната стапка на оплодување на парите во вториот столб е околу 5,5 отсто годишно. Сега се работи на Закон за мултифондови со кој треба да се овозможи поголема флексибилност за инвестирање на парите од вториот пензиски столб за да се овозможат поголеми приноси. За помладите вработени се планира да се овозможат поризични пласмани кои треба да донесат и поголеми приноси, додека за најстарите фокусот ќе биде на зачувување на акумулираните пари.
„Три различни портфолија во еден пензиски фонд, односно портфолио кое има активна долгорочна стратегија каде што би имале финансиски инструменти со повисок ризик и повисок принос, потоа едно балансирано портфолио во кој би имале инвестициона стратегија на среден рок со инструменти со умерен ризик и умерен принос и третото портфолио е дефинирано да има инвестициона стратегија со низок ризик, низок принос и висока ликвидност на финансиските инструменти. Зависно од овие видови портфолија се предвидува и различна возраст на членовите кои би требало да се вклучат во едно од овие портфолија“, вели Дарко Саздов од МАПАС.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија има над 700 илјади вработени, но според Фондот за ПИОМ – пријавени се 556 илјади работници, односно над 140 илјади луѓе работат непријавени. Властите очекуваат овој проблем делумно да се реши со Законот за работно ангажирање на лица, кој треба да стапи во сила од почетокот на наредната година, а со кој ќе се регулира сезонската и повремена работа. За сезонските и повремени работници во земјоделството, угостителството и туризмот, и сервисните услуги во домаќинствата, кои работат по неколку месеци годишно или по неколку дена месечно, ќе се плаќаат и придонеси за времето во кое се работно ангажирани. Пријавувањето и одјавувањето ќе биде преку мобилна апликација.
„Со овој закон ќе бидат опфатени три категории на луѓе и тоа студенти, да може да работат со целосно плаќање придонеси, исто така да работат и веќе вработени луѓе, дали во приватниот или јавниот сектор, меѓутоа и пензионери со напомена дека ниту невработените лица ќе го изгубат статусот како невработени во Агенцијата за вработување со нивното работно ангажирање, нити вработените ќе го изгубат статусот на вработени, тоа ќе биде како дополнителна работа или парт тајм џаб, ниту пензионерите нема да го изгубат пензионерскиот статус. Од она што ние го очекуваме со имплементирањето на овој закон ќе бидат решени преку 10 илјади лица работно ангажирани во земјоделието без никакво регистрирање во системот и над 5 илјади лица во рамките на угостителството и туризмот или вкупно станува збор за околу 16 илјади лица кои ќе бидат регистрирани во системот за вработување токму преку овој закон за работно ангажирање“, вели заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Државниот завод за ревизија констатира дека и во иднина се очекува висок дефицит во Фондот за пензиско кој ќе се покрива со буџетски пари.
Срѓан Стојанчов
Oваа издание на Бизнис Објектив е емитувано на ТВ Телма, на 07.12.2025 година
