Дали Скопје ќе блесне новогодишно како и останатите европски градови? – Додека метрополите се украсени и имаат новогодишни базари, се чини дека нашиот град сè уште не е подготвен за претстојната божиќна сезона.
Телма направи обиколка околу плоштадот „Македонија“, каде што годинава треба да биде поставена елка со мини-тезги. Ги прашавме и граѓаните дали ја чувствуваат предновогодишната атмосфера и дали, според нив, и овој пат се доцни со украсувањето. Некои од нив зборуваа како тоа се правело во минатото.
Градоначалникот Ѓорѓиевски, само неколку дена по изборите, вети дека оваа година Скопје ќе биде украсено како што треба и онака како што посакуваат граѓаните.
За украсувањето на градот е донесена одлука за избор на најповолна понуда од „Линк Медиа Плус“ ДООЕЛ. Според техничката спецификација, фирмата ќе треба да го украси плоштадот, да постави елка со минимална висина од 13 метри, да украси неколку улици и да го украси просторот пред Владата. Минатиот месец оваа фирма го доби тендерот за украсување на Општина Центар и Штип во вкупна вредност од околу 146.000 евра.
Во меѓувреме, во Општина Аеродром, скопјани веќе неколку дена се забавуваат на предновогодишниот базар „Зимзоленд“, во кој има и забавен парк, а нуди и храна и музика за посетителите.
Софија Бислимоски
