Ќе има или не мигрантски кампови во Македонија? – Британските медиуми објавија дека Велика Британија води формални разговори со Македонија за воспоставување т.н. „Центри за враќање“ за одбиени баратели на азил. Според нивните извештаи, планот би вклучувал финансиски пакет и инвестиции од Лондон.
Владата во Скопје ги отфрли напишаните тврдења како целосно неточни, политички мотивирани и насочени кон британската внатрешна политика.
Британската амбасада во Скопје излезе со соопштение во кое ја нагласува постојаната соработка во рамки на стратешкото партнерство меѓу двете држави, фокусирана на безбедност, борба против нерегуларна миграција и организиран криминал. Во соопштението не се споменува прифаќање на мигранти, ниту експлицитен демант за британските медиумски тврдења. Британскиот амбасадор Метју Лосон пред неколку месеци, пак, рече дека партнерството не опфаќа прифаќање на мигранти, туку полициска и разузнавачка соработка.
СДСМ денеска тврди дека британската амбасада во нивното вчерашно соопштение ја потврдила соработката за мигрантите. Бара владата да ја објави целосната комуникација со Велика Британија и ја обвинува за нетранспарентни разговори.
Владата возвраќа дека станува збор за политичка манипулација и медиумска шпекулација.
И ВМРО-ДПМНЕ реагирае, нарекувајќи ги написите „Фантазии на СДСМ“ и уверувајќи дека нема разговори за отворање на мигрантски кампови во државата.
