Граничните премини кон Грција во моментов се проодни, но остануваат блокадите од земјоделците на грчката страна од границата. Стотина трактори се поставени на граничниот преми „Евзони“ веќе четврти ден. Блокади се поставуваат и на „Дојран“ и на „Меџитлија“, но преминот „Дојран“ најмалку се затвора поради што е и најпрепорачлив за минување.
„Блокадите се времени. Неколку часа преминот се затвора, а потоа следува прекин, период во кој се пропуштаат товарните возила и малкуте автомобили што се собираат во меѓуграничниот простор. Времето за блокирање уредно го пријавуваат грчките служби“, велат од македонсата гранична полиција.
Остануваат блокадите и во внатрешноста на Грција. Околу 1.800 трактори и земјоделска механизација е паркирана во близина на Лариса, блокиран е автопатот Солун-Атина, а илјадици трактори блокираат и други важни патни правци во Северна Грција. Изминатите денови блокади се поставуваа и на преминот „Кулата-Промахон“ кон Бугарија.
Протестите и блокадите се израз на протест на грчките земјоделци кои се гневни поради доцнењето на исплатите на компензациите, но и за зголемените трошоци на производство. Велат дека претпреле големи загуби од минатите реколти, а доцнањето на исплатите ги става во егзистенцијален ризик.
Во меѓувреме, траат и преговорите меѓу претставниците на земјоделците со грчката влада. Претставници од владата ги смируваат земјоделците дека сите обврски ќе ги подмират до крајот на годината, но ова не ги убедува земјоделците да ја прекинат блокадата.
Сузана Мицева
